
Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС, и годинава ги одбележа Деновите на финансиска писменост со низа активности насочени кон едукација, подигнување на свеста и приближување на пензискиот систем кон граѓаните, младите и фриленсерите како посебна таргет група.
Во рамките на кампањата, МАПАС воспостави партнерства со три коворкинг простори: The Hub by Adeva, T.G.G. Бизнис центар и Konectivity, каде беа поставени информативни материјали со цел работниците кои работат самостојно и фриленсерите да се запознаат со бенефитите и можностите на третиот пензиски столб, како најсоодветна форма на заштеда за нивниот професионален модел.
Со цел продлабочување на знаењето и можност за интеракција, МАПАС одржа и три едукативни предавања за вработените во институции и компании. Настаните се реализираа во Општина Центар, Општина Тетово и во компанијата Инфинум, каде учесниците имаа можност да поставуваат прашања и да добијат јасни, практични и персонализирани одговори во врска со функционирањето на пензискиот систем и донесувањето информирани финансиски одлуки.
Круна на одбележувањето беше централниот настан што се одржа во Културно информативниот центар – Скопје, на кој присуствуваа претставници од институциите, образовните организации, приватниот сектор и младински заедници. Настанот ја истакна важноста на финансиската писменост како предуслов за стабилност, сигурност и долгорочна финансиска независност.
Претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Ремзи Бајрами, во своето обраќање потенцира дека финансиската писменост не е само познавање на штедењето или инвестирањето, туку основа за лична сигурност и самостојност.
Директорката на Бирото за развој на образованието, Милка Тримчевска, исклучително ја нагласи потребата финансиските вештини да станат интегриран дел од образовниот систем.
Оваа година активностите беа збогатени и со уметнички пристап преку соработката со средните училишта ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ – Скопје и ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – Скопје. Шест ученици од ликовното училиште изработија уметнички дела инспирирани од теми поврзани со финансиска одговорност, додека пет ученици од музичкото училиште создадоа оригинална музичка композиција – химна посветена на финансиската култура. Делата и композицијата беа јавно претставени на централниот настан.
Со завршување на активностите, МАПАС уште еднаш ја испраќа пораката дека финансиската писменост претставува трајна вредност која создава информирано, свесно и финансиски стабилно општество. Оваа година кампањата потврди дека најдобри резултати се постигнуваат преку партнерство, иновативност и постојана едукација – затоа што сигурната иднина започнува со знаење.

Македонски






