Skip to main content

Граѓаните беа толерантни, ред е на трговците: Мицкоски очекува намалување на цените на храната

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека денеска во Владата ќе има состанок со претставници на сите дистрибутери, трговци и маркети на кои ќе им пренесе дека очекува намалување на цените на производите, особено на основните прехранбени производи, по завршување на кризата на Блискиот Исток.

Мојата порака ќе биде јасна – завршува кризата, граѓаните беа толерантни, сега е ред тие да им се оддолжат на граѓаните и веднаш да ги намалат цените на производите, посебно основните прехранбени производи — изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.

Доколку тоа не го сторат, премиерот рече дека Владата ќе ги искористи механизмите што ѝ стојат на располагање за намалување на цените на производите.

Оправдување и изговори не прифаќам. Доколку не се види реакција од страна на маркетите, дистрибутерите и прозиводителите во следните денови тогаш ние како Влада ќе реагираме и тоа на подолг рок. Некои од маркетите од утре ако треба и по име и презиме јавно ќе ги објавуваме, па понатаму оставаме на нив – додаде тој.

На новинарско прашање кај кои производи очекува најголемо намалување на цените, Мицкоски рече дека не би можел да каже кои производи очекува најмногу да поевтинат, повторувајќи дека основните прехранбени производи мора да претрпат корекција на своите цени.

Најави дека за време на состанокот со трговците ќе биде направена споредба на цените во регионот и кај нас за некои од основните производи.

Поврзани вести