
Казни во вкупна вредност од 8.350 евра во денарска противвредност изрече Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) на 14 оператори со храна – месарници, поради утврдени неправилности во работењето. Контролите биле спроведени на 30 април низ целата територија на државата, при што биле извршени вкупно 73 вонредни инспекциски надзори.
Во рамки на акцијата, уништени се 323 килограми небезбедна храна, а издадени се 23 решенија за отстранување на констатираните недоследности.
Тројца оператори продавале небезбедна храна, кај седум месарници биле утврдени пропусти во хигиенската и производствената пракса, додека четири објекти немале спроведено задолжителен санитарен преглед на вработените.
Дополнително, кај три месарници биле утврдени неправилности во означувањето на производите, а три работеле нерегистрирано, односно без соодветна регистрација во Агенцијата за храна и ветеринарство.
АХВ најавува засилени контроли и во наредниот период за да се гарантира безбедноста на храната што ја консумираат граѓаните.