Skip to main content

Во Албанија почна исплатата на новогодишниот бонус за пензионерите во износ од 100 и 150 евра

Фото: Фејсбук

Почна исплатата на новогодишен бонус за албанските пензионери, за што, владата на премиерот Еди Рама, издвои средства во износ од 100 милиони евра.

Премиерот денеска објави дека еднократниот финансиски надоместок веќе го повлекле од банките 51.357 пензионери низ целата земјава.

– Во наредните денови целиот фонд од 100 милиони евра ќе биде распределен на 724.933 пензионери, каде што благодарение на економскиот раст 511.173 пензионери ќе добијат тројно повисока сума а 213.760 пензионери двојно поголема сума споредено со минатата година, напиша Рама.

Поконкретно сите пензионери кои имаат пензија до 20 илјади лека или 200 евра, ќе добијат по 150 евра, што е трипати поголем износ од претходниот бонус. Пензионерите кои имаат пензија повисока од 20 илјади лека, ќе добијат двојно поголем бонус, односно по 100 евра.

Како што наведува Рама оваа разлика меѓу првата и втората група, не се прави за да се даде „помалку на оние кои имаат повисока пензија, туку за да се даде повеќе на оние кои имаат помала пензија“

Најави дека „како никогаш претходно, следната година пензионерите ќе добијат по два бонуси, пролетен и зимски бонус“.