
Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави дека Албанија по пристапувањето во Европската Унија нема да го следи примерот на Бугарија и нема да издава албански пасоши на етничките Албанци кои живеат во Македонија. Прашањето беше на студентот од Македонија, Сухеј Мехмеди, познат и како предводник на протестите за полагање на правосудниот испит на албански јазик. Мехмеди како учесник во младински камп во албанското место Јел на средбата со Рама го праша дали по пример на Бугарија, и Албанците од Македонија ќе добиваат албански пасоши.
Рама рече дека одговорот ќе разочара многумина.
Ние не сме земја која може да прави што сака и како сака кога станува збор за прашања кои се однесуваат на внатрешната хармонија на европското семејство, изјави Рама.
Тој посочи дека Бугарите го сториле тоа дури откако станале членка на ЕУ, „бидејќи нивниот пасош стана многу моќен“.
Рама претходно изјави и дека Албанија нема да ѝ стави вето врз Македонија доколку стане членка на ЕУ.
Албанија наскоро треба да затвори три поглавја од пристапните преговори. На 14 јули во Брисел ќе се одржи 9. Меѓувладина конференција на Албанија и ЕУ.

Македонски



