
Поранешната европратеничка на Нова демократија Ана Мисел Асимакопулу и уште три лица, меѓу кои и поранешниот генерален секретар во Министерство за внатрешни работи на Грција се осудени на осум до 20 месеци условна затворска казна за случајот со неовластено користење мејлови на Грци кои живеат во странство, јави дописничката на МИА од Атина.
Случајот е од почетокот на март 2024 година, кога тогашната европратеничката на Нова демократија во пресрет на европските избори испратила мејлови со предизборен материјал до голем број грчки граѓани кои живеат во странство без притоа да постои нивна согласност, а нивните електронски адреси биле споделени од Министерството за внатрешни работи, откако се пријавиле на платформата за поштенско гласање на евроизборите.
Во судскиот процес против Асимакопулу и уште три лица денеска беше соопштена пресудата според која сите обвинети се прогласени за виновни.
Поранешната европратеничка, која по скандалот соопшти дека нема да се кандидира на евроизборите во јуни 2024 година, е осудена на 20 месеци условна затворска казна, а поранешниот генералниот секретар во Министерство за внатрешни работи на Грција доби 18 месеци.
Останатите двајца обвинети, кои се поранешни високи членови на владејачката Нова демократија се осудени на 8 и 12 месеци условна затворска казна.(МИА)

Македонски



