
На три локации на првиот крак на Халкидики, општина Касандра, со помош на грчката полиција, вчера спроведе нова акција за отстранување на нелегално поставените чадори, столици, лежалки и слична опрема на плажите, јави дописничката на МИА од Атина.
Од општината информираа дека акцијата помеѓу Полихроно, Ханиоти и Пефкохори, била по пријавите од граѓаните и по претходни контроли.
Нагласија дека конфискуваната опрема нема да биде вратена, но и дека ваквите акции и инспекции ќе продолжат и во други области, каде што се евидентирани недозволено поставени чадори на плажите.
Ги повикуваме сите оние кои нелегално го окупирале брегот веднаш да ја отстранат опремата, избегнувајќи ги предвидените административни и кривични последици. Општина Касандра, со доследност и решителност, го брани јавниот простор и спроведувањето на законот, соопштија од општината.
Вакви ненајавени акции беа спроведени и во текот на минатиот месец, а претходеше соопштение од општината и објава на социјалните мрежи на три јазици: англиски, германски и српски, со што беше најавено интензивирање на контролите за отстранување на предмети што нелегално го зафаќаат јавниот и слободен простор на плажите.