Skip to main content

Над 83 милиони патници поминале на грчките аеродроми во 2025 година

Freepik

Патничкиот сообраќај на сите 39 аеродроми во Грција во периодот јануари – декември 2025 се зголемил за 4,9 отсто со евидентирани 83.333.571 патник наспроти 79.424.082 патници во 2024 година, покажуваат податоците од Службата за цивилно воздухопловство.

Податоците се однесуваат на 24 аеродроми со кои управува конкретната служба, на 14 на компанијата „Фрапорт Грис“ (Fraport Greece) и на Меѓународниот аеродром во Атина.

Паралелно со зголемувањето на патничкиот сообраќај пораст има и во однос на бројот на движења на авиони, односно пристигнувања и заминувања на домашни и меѓународни летови. 

Зголемувањето е 4,1 отсто во споредба со периодот јануари – декември 2024 година, а поконкретно – минатата година биле реализирани 629.633 лета наспроти 604.873 една година претходно.

Во однос на сообраќајот на регионалните аеродроми со кои управува Службата за цивилно воздухопловство (во градовите Каламата, Александруполи, Јанина, Козани, Касторија, Волос, Патра и на островите Крит, Лимнос, Астипалеа, Хиос, Карпатос, Китира, Милос, Скирос, Парос, Сирос, Араксос, Наксос, Калимнос, Икарија, Кастелоризо, Касос, Лерос) патничкиот сообраќај бележи пораст од 6,9 отсто во периодот јануари – декември 2025 година во споредба со истиот период во 2024 година.

Поврзани вести