Skip to main content

Мицотакис ќе поддржи учество на поканетите земји во Одборот за мир, но само во делот што се однесува на Газа

Кабинет на грчкиот премиер

Предлогот на Грција, мојот предлог ќе биде 13-те земји кои се поканети да учествуваат во Одборот за мир заедно да го потпишат нивното приклучување, но само за прашањето што се однесува на следната фаза од мировниот процес во Газа и само онолку долго колку што е потребно за тоа“, изјави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис при пристигнувањето на вонредниот Самит на ЕУ во Брисел, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис објасни дека според него ова е „разумно компромисно решение“, што ќе овозможи учество во мировниот процес во Газа, бидејќи како што посочи Грција уште од самиот почеток изрази силен интерес за регионот, а паралелно, „во суштина нема да се создаде нова организација што би можела да функционира конкурентно на Обединетите нации“.

Во изјавата, Мицотакис се осврна и на евроатлантските односи.

Во последните недели имаше значителни тензии, како резултат на изјавите на претседателот Трамп, но сепак, верувам дека вчерашните изјави на американскиот претседател водат, го покажуваат патот кон деескалација, барем по прашањето за Гренланд“, изјави Мицотакис.

Тој нагласи дека Европската Унија, „обединета, со еден исклучок, застанала на страната на Данска и Гренланд“, разјаснувајќи дека прашањата за Гренланд „се однесуваат само на неговите жители и на Кралството Данска“.

Целосно признаваме дека постојат интензивни и оправдани американски загрижености во врска со безбедноста на Арктичкиот круг. Сепак, можат да се решат со добра волја и во рамките на постоечките договори што ги регулираат односите на Данска со Соединетите Американски Држави. Верувам дека можеме креативно и продуктивно да се движиме во оваа насока“, посочи Мицотакис

Тој додаде дека има простор за наоѓање разумен компромис што целосно го почитува суверенитетот на Данска и Гренланд

Се надевам и ќе продолжам да работам кон деескалација. Јас сум силен поддржувач на трансатлантското партнерство, ги препознавам предизвиците, но верувам дека ако останеме обединети, цврсти, но конструктивни, може да се најде решение“, рече грчкиот премиер. 

Поврзани вести