Skip to main content

Кикиљас за земјотресите кај Санторини: Мерките се превентивни, граѓаните да ги следат препораките

Апел до граѓаните да ги следат превентивните мерки на грчкиот остров Санторини и да се придржуваат до нив, упати министерот за климатски кризи и цивилна заштита на Грција Василис Кикиљас, по завршувањето на вонредниот состанок што вечерва го свика грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, по зголемената сеизмичка активност во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос, јави дописничката на МИА од Атина.

Во текот на денешниот ден беа регистрирани над десет земјотреси со јачина од над четири степени, од кои најсилниот беше 4,7, додека пак како што претпладнево соопштија од Министерството за цивилна заштита и климатски кризи на Грција во изминатите 48 часа биле регистрирани над 200 земјотреси.

Токму затоа, како што претходно објави МИА Комисијата за процена на сеизмичката опасност и Комисијата за следење на вулкански активности при надлежното Министерство донесоа неколку препораки и превентивни мерки, меѓу кои и училиштата на островите Санторини, Иос, Аморгос и Анафи утре да останат затворени.

Паралелно граѓаните треба да избегнуваат големи собири во затворени простори; да избегнуваат напуштени објекти; да избегнуваат пристап и престој во четирите пристаништа на Санторини; да ги отстранат опасните непотребни предмети на објектите и да ја испразнат водата од базените; да изберат безбедни рути при движењето по градските и локалните патни мрежа, особено на места каде што има опасност од појава на одрони и итно да се евакуираат крајбрежните области во случај на силен земјотрес.

На вонредниот состанок во Премиерската палата што се одржа вечерва и траеше над два часа, Мицотакис бил информиран од научниот тим во надлежното министерство, а Кикиљас рече дека „се испитуваат сите елементи на сеизмичка активност“.

– Мерките што досега се преземени се превентивни. Во секој случај, ќе има континуирано информирање за сите, бидејќи, како што гледате, Комитетот за процена на сеизмички ризик постојано заседава. Ги замолувам, како и секогаш, нашите сограѓани да ги слушаат мерките на експертите и да се придржуваат кон нив, за да можеме да се справиме со моменталната состојба. Мерките се превентивни. Постои претпазливост и организираност како што гледате и на терен, посочи министерот за климатски кризи и цивилна заштита на Грција, по одржаниот состанок.

Според грчките медиуми, на Санторини денеска пристигнале специјални спасувачки единици, а поставени се и шатори.

Од Министерството за цивилна заштита и климатски кризи претходно соопштија дека откако комисиите ги разгледале досегашните податоци едногласно констатирале дека „сеизмичката активност во калдерата е намалена“, но и дека тековната сеизмичка активност во конкретната област „се должи на подморски раседи со североисточен и југозападен правец и не е поврзана со вулканска активност“.

Од Министерството за цивилна заштита и климатски кризи на Грција, соопштија дека надлежните комисии утре напладне ќе одржат нов состанок.