
Македонија на сцената на меѓународните дипломатски и јавно-правни случувања од 19 век се појавила во текот на Големата источна криза (1875 – 1881). Тоа се години на востанија во целото Отоманско Царство, на војни, преговори и договори. Значаен момент во надминувањето на оваа сложена воено-политичка состојба е меѓународниот Конгрес во Берлин одржан од 13 јуни до 13 јули 1878 година под претседателство на германскиот канцелар Ото фон Бизмарк. На тој самит учествувале претставници на шесте големи сили на Европа (Русија, Велика Британија, Франција, Австро-Унгарија, Италија и Германија), Отоманска Турција и четирите балкански држави (Грција, Србија, Романија и Црна Гора).
Според д-р Наташа Котлар, Берлинскиот конгрес се одржал и како реакција на Санстефанскиот договор и на руското непочитување на претходните договори со европските сили, особено со Австро-Унгарија, за прашањето за можните промени при пораз на Отоманска Турција и за прашањето за респектирањето на сферите на интерес на односните сили.
– Притоа Македонија не се споменува во конгресната документација. На неа се однесува само чл. 23 од потпишаниот Договор на 13 јули 1878 година. Последователното историско значење што го имал Берлинскиот договор со неговиот чл. 23 се состои во тоа што од тогаш па натаму речиси сите субјекти на македонското ослободително движење се повикувале на него. Всушност тие на таков начин политички и правно ги легитимирале целите и акцијата за здобивање слобода и автономија за Македонците и за Македонија – објаснува Котлар.

Така, барањето основа и легитимитет на револуционерните движења, според овој член, е својствено и за Македонското (Кресненско) востание од 1878 – 79 г., за Македонската лига од 1880.,Националното собрание на Македонија и Привремената влада на Македонија „Единство“ од истата година, за црковно-училишните општини на Македонија, како и за Македонската револуционерна организација (МРО, 1893). Во таа смисла Котлар потсетува дека еден од нејзините основачи, Петар Поп Арсов, во подоцнежен напис од списанието „Билтен“, сведочи дека на самиот почеток таа организација се конституирала како солунски Комитет за придобивање политички права на Македонија дадени од Берлинскиот договор.
– Сепак, тој член 23 станува појдовна точка на сите понатамошни иницијативи на македонските револуционери, групи и организации за достигнување до таа светла точка на крајот од тунелот. За нас е важен од проста причина што никој од Македонија не се повикувал на Санстефанскиот договор, туку токму на Берлинскиот. Впрочем, најважно е тоа што врз него се заснова и Уставот на ТМОРО – се надоврза историчарот Бранислав Светозаревиќ.
– На членот 23 ќе се повикуваат и балканските монархии кога вршеле притисок во однос на Македонија или кога се стремеле самите да се осамостојат колку е можно повеќе од османлискиот суверенитет преку разни интервенции и мешања во македонските работи. Таков е случајот и со Бугарија и Србија и тоа сè до Првата балканска војна. Дури и непосредно пред нејзиниот почеток, во Нотата од 13 октомври 1912, баканските монархии директно се повикувале на член 23 од Берлинскиот договор, чие неисполнување од страна на Отоманското Царство го поставиле како за легитимна војна (casus belli) – додава Котлар.
Во сите тие повикувања на субјектите на македонското ослободително движење и на балканските аспиранти кон османлиска Македонија, чл. 23 се сфаќал како основа за воведување автономија со административна самоуправа и со обласна (провинциска) власт. Накратко, членот се разбирал како основа за воведување автономија со елементи на државност врз народно и територијално начело.
– Но, што, всушност, предвидувал реформскиот процес според чл. 23 во однос на „другите делови на Европска Турција“, во кои спаѓала и Македонија, и што се врзувал за критскиот Статут од 1868 година? Во суштина критскиот модел предвидувал определен степен на провинциска (обласна) самоуправа од статусно-функционален, а не од административен вид. Така, во однос на провинциите (областите) што и понатаму останале под целосниот суверенитет на султанот, овој модел означувал меѓународно-правен израз на политичката волја на големите европски сили – Македонија, Косово, Албанија и Тракија и натаму да останат како интегрални делови на Отоманското Царство. Со чл. 23 Берлинскиот дипломатски концерт предвидувал пацификацијата на тие провинции да ја изврши со делумни подобрувања на политичката и на правната положба на немуслиманското население (христијанскиот колективитет) во рамките на османлиската држава и со средствата и институциите на истата – раскажува историчарката.
Сепак, без оглед на ограниченостите, изнесените елементи на критскиот модел – претставништво на верски групи како колективитети и определената самоуправа во рамките на европските провинции на османлиската држава, означувале зародок на територијална самоуправа врз народно начело.
– Ова особено се однесува на Македонија, во која Македонците како христијани биле компактна и најголема народна група. Со оглед на тоа може да се констатира дека чл. 23 од Берлинскиот договор бил основа за територијална автономија врз народно начело – во тенденција. Односно, основа што за Македонија (тенденциски) би значела: признавање статус на самоуправна територија и статус на административна самоуправа. Во оваа смисла и со многу поконсеквентна форма на автономија, чл. 23 го сфатиле и настојувале да го остварат востаничките и паравостаничките и политички субјекти на македонското ослободително движење по Берлинскиот конгрес. Така, Македонскиот востанички комитет од 1878 – 1979 г., во рамките на Правилата (Уставот) на Македонското (Кресненско) востание, чл. 23 го сфатил како територијално-административна автономија, а преку востанието се борел и за целосна автономија – појасни нашата соговорничка.

ИНИЦИЈАТИВИ ЗА АВТОНОМНА И НЕЗАВИСНА МАКЕДОНИЈА
Бранислав Светозаревиќ смета дека за македонската национална историја побитно од самиот Берлински конгрес е она што се случувало пред тој самит. Научникот за тоа пишува во својата книга „Македонци“, том 2.

– За нас, поважен е процесот на тајните преговарања пред тој конгрес кога биле во игра проекциите за создавање на македонско кнежевство. Тие проекции ги обелоденувам во том 2, стр. од 72 до 83. Берлинскиот конгрес за мене е западен диктат што ги спречил руските обиди за целосна контрола на јужен Балкан и пристап до топлите мориња. Членот 23, според моите сознанија, е блед остаток на надеж за Македонците во неизвесната иднина, во која се предвидувало некаква автономија со нејасна слика за што всушност станува збор – објасни историчарот.
Имено, Големата источна криза поттикнала неколку идеи и иницијативи за автономија или независност на Македонија. Во Русија, на пр., се појавил предлог – велешанецот Константин Петкович да биде назначен за гувернер на Македонија. Тој во тоа време е познат македонски истражувач, филолог, интелектуалец, дипломат, школуван во Русија. Младите држави Србија и Грција, како и други политички кругови во Европа, го отфрлиле тој предлог.
Натаму, други идеи за автономна Македонија дошле од Австро-Унгарија, САД, но и од Македонците иселеници во Србија.
– Ништо од тоа не успеало поради бизарна причина: Големите сили не се договориле за тоа – доколку дојде до утврдување македонска држава, под чие влијание, всушност, таа треба да биде потоа – заклучува Светозаревиќ.
Паралелно со сѐ тоа, во мај 1878 познатиот македонски општественик и пратеник во Отоманското собрание, Димитар Робев, агитирал кај српските власти за независно Кралство Македонија. Тоа, според Светозаревиќ, во свои записи го потврдуваат и поетот Матија Бан, но и српскиот функционер Димитрије Тодоровиќ, кој вели дека Робев се стремел да биде и кнез или владетел на независна Македонија. Во таа своја кампања Робев издал и поштенски марки со натпис „Краљевство Македонеа“ и со својот лик.
Потоа, Светозаревиќ пишува оти грофот Николај Игнатиев – најгласен поддржувач на независна Бугарија и на Санстефанскиот договор, се жалел и говорел за појава на „македонски сепаратизам“, т.е. за отпор кај Македонците против „голема Бугарија“, која би ја опфатила и речиси цела Македонија.
Бугарскиот национален деец Атанас Шопов во таа смисла вели дека „освен 2-3 околии во Македонија, сите други Македонци веднаш ќе ти дадат каков сакаш документ“ дека тие не се Бугари.

Балканот според Санстефанскиот и според Берлинскиот договор
КАКО ОСМАНЛИИТЕ ГО ИЗИГРАЛЕ БЕРЛИНСКИОТ ДОГОВОР?
Независно од изворното или историзираното значење на членот 23 од Берлинскиот договор, османлиската власт и овој пат успеала да ги изигра суштината и формата на предвидените реформи. Таа, наместо да донесе повеќе одделни устави за европските провинции (што значи – за секоја одделно), со широко учество на месното население, како што предвидувал став 2 од чл. 23, едноставно, во 1880 г., самата подготвила еден т.н. органски устав за румелиските вилаети или Закон за вилаетите на европска Турција (Румелија), усвоен од Европската комисија за реформи на европска Турција.
– Всушност, ова претставувало нова форма на изигрување на реформите што ги дефинирале големите сили. Се чини дека ним ова изигрување не им паѓало тешко, тие напросто го прифатиле предлогот и со тоа ги игнорирале проектите што ги изработиле одделни легитимни субјекти на одделните национални колективитети – посочи Котлар.
Споменатиот органски устав за румелиските вилаети (1880), наместо поимот провинција, го употребува поимот вилает, кој во суштина означувал административна единица, а не географска територијална и народна единица и заедница. Македонија, на пр., како природна географска и народна единица и заедница била поделена на три дела, т.е. три вилаети. Македонија како земја и Македонците како народ биле измешани со делови од албанската и од грчката заедница. Границите на вилаетите често, со намера, се менувале – преку методот на динамична територијална геометрија постојано да се разбива националното тело и да се амортизира силата на македонското националноослободително движење. На тој начин е изигран принципот на територијалноста, кој бил еден од суштинските принципи на чл. 23, како постулат на каква-таква територијална самоуправа.
– Османлиската власт, во однос на Македонија, постапувајќи според обврските на Берлинскиот договор со европските провинции за кои не било предвидено посебно уредување во тој Договор (ст. 2 од чл. 23), не извршила реорганизација на досегашната територијална поделба во смисла на формирање единствена македонска провинција како територијална и самоуправна единица. Спротивно, таа и понатаму се држела до навиката и до својата владејачка потреба од територијална манипулација, со што постојано го разбивала поврзаниот живот на Македонците како компактна група – истакнува Котлар.
Во оваа смисла, македонскиот народ и по Берлинскиот конгрес останал да живее расцепкан, без можност да стабилизира колективна самоуправна положба во смисла на членот 23 од Берлинскиот договор. Може да се каже и тоа дека големите сили (особено Русија, Австро-Унгарија и Британија) преку Комисијата за реформи на европска Турција не можеле да ги урамнотежат своите заеднички интереси преку давање територијална самоуправа на европските провинции во османлиската држава и во таа смисла – ниту давање самоуправа за Македонија.
– Така, иако македонското прашање уште пред почетокот на Источната криза (1875) во внатрешниот османлиски простор веќе се профилирало како народносно со повеќе идејни објави – словенофилски, компромисни, но и македонистички, постојано содржејќи јазични, етнички и културни одредници, во периодот што следувало, времето на одржување на Берлинскиот конгрес (1878), а особено потоа, меѓународната политичка конјунктура, која знаела само за интереси и влијанија, го антиципирала како политичко прашање, односно како територијална варијабла – заклучи Котлар.
Сепак, според историчарите, Берлинскиот договор (и членот 23) се битни како првиот меѓународно-правен постулат што ја инспирирал и ја почнал долгата и макотрпна борба за автономна и/или независна Македонија.

Македонски



