
Билатералните прашања не смее да стојат на патот на интеграцијата во Европската Унија. Претрпевте и билатерални проблеми и блокади и многупати кон вас беа направени навистина многу неправди. Хрватска со сигурност ќе го даде својот придонес за поддршка на интеграцијата на Македонија“, истакна денеска претседателката на Комисијата за европски прашања на Хрватскиот Сабор Јелена Милош.
По обраќањето на 23. конференција на парламентарните комисии за европски прашања/интеграции на земјите од Процесот на стабилизација и асоцијација на ЈИЕ, што се одржува во Струга, таа изјави дека интеграцијата на земјите од Западен Балкан ја имаат поддршката од Хрватска.
Што се однесува предлогот на Германија и Франција, мислам дека, пред сè, вие како земја која цело ова време спроведува реформи и е на патот на интеграцијата, мора да одлучите кој е тој најдобар пат за влез во Европската Унија. Секако е добро што постојат поместувања, што постои интеграција во заедничкиот пазар, тоа со сигурност е еден напредок. Но, би сакала да нагласам дека тоа не е крајната цел. Крајната цел е полноправно членство и целосна интеграција во Европската Унија, и на тој пат Хрватска секогаш, апсолутно секогаш ќе ве поддржува“, рече Милош.
Според неа, нема замена за исполнувањето на реформите кои се договорени за влез во Европската Унија, но потребна е, вели, награда за земјите кои долго чекаат.
Пораката е дека тука нема никакви кратенки за патот кон Европската Унија, од една страна. Меѓутоа, исто така потребна е и награда, за земјите кои навистина долго чекаат на тој пат, а вашата земја претрпе и многу тешкотии и предизвици во тоа“, посочи Милош.
Хрватската пратеничка нагласи дека поради геополитичката состојба очекува да се случи проширувањето на Унијата.
Знам дека постои одреден замор од проширувањето, особено кога зборуваме и за Македонија. Меѓутоа, јас мислам дека сега навистина постои еден прозорец во рамките на Европската Унија, со оглед на геополитичката ситуација, кој ќе дозволи навистина да се случи проширувањето кое веќе долго време се чека. За нас, ако се зборува за Украина и Молдавија, кои во целост ги поддржуваме, тогаш мора да се зборува и за земјите од Западен Балкан кои ги спроведуваат сите потребни реформи, па и тие, кои исто така долго чекаат, да се интегрираат во Европската Унија. Како, за конкретните чекори, јас мислам дека тоа без вас не може да се прави и дека вие тука, исто така, треба да го имате главниот збор“, додаде Јелена Милош.

Македонски


