
Агенцијата за управување со субвенциите од ЕУ, меѓу кои и земјоделска помош во Грција (ОПЕКЕПЕ) со одлука на грчката Влада ќе се укине, а функции ќе бидат префрлени во Независната управа за јавни приходи (ААДЕ), беше одлучено на состанокот свикан од грчкиот премиер, по големата истрага за измама што ја спроведува европското обвинителство, јави дописничката на МИА од Атина.
Од кабинетот на грчкиот премиер соопштија дека по обидите за внатрешна модернизација на ОПЕКЕПЕ кои не ги дадоа очекуваните резултати, „Владата, во соработка со европските власти и посветена на создавање транспарентен и интегриран систем за плаќање, пријателски настроен кон земјоделците, одлучно го решава проблемот“.
Пораката е јасна: Системот за земјоделска поддршка и плаќања влегува во нова ера, ставајќи дефинитивно крај на децениските лоши практики и патологии што ги лишуваа доследните земјоделци од ресурси и можности, соопштија од кабинетот на Мицотакис и објаснија дека процесот на префрлање на надлежностите на ОПЕКЕПЕ во Независната управа за јавни приходи започнува веднаш, а целта е целосната интеграција да биде завршена во втората половина на 2026 година.
Како што објавија грчките медиуми, пред десетина дена Европскиот јавен обвинител придружувани од 20 службеници од антикорупциската единица на грчката полиција, спроведоа инспекција во седиштето на ОПЕКЕПЕ, при што била откриена широко распространета шема со фиктивни тврдења за пасишта користени за измамничко добивање земјоделски средства од ЕУ.