Skip to main content

ЕУ знае за проблемот со балканските превозници и работи на случајот

Европската комисија е свесна за загриженоста што ја искажуваат транспортните оператори од Западниот Балкан, внимателно ја следи ситуацијата со блокадите на граничните премини и е во контакт со партнерите од регионот, изјави денеска портпаролот на ЕК за внатрешни работи Маркус Ламерт.

Изјавата на Ламерт беше одговор на новинарско прашање за ставото на ЕК околу блокадите на граничните премини кон Шенген зоната од страна на балканските превозници и нивните обвинувања дека ЕЕС системот ги дискриминира во однос на нивните колеги од ЕУ, како и дали Унијата планира да професионалните возачи да им додели посебен статус и да не ги третира како туристи при влез во блокот.

– Свесни сме дека голем број професионалци од трети земји може да имаат потреба да останат во Шенген зоната повеќе од 90 дена во рок од 180 дена. Ова ги вклучува професиите со висока мобилност, како што се возачите на камиони, но исто така и спортистите и уметниците. Тоа е исто така поврзано и со националните правила и постојните билатерални договори. Ова е прашање на кое сме целосно посветени и на кое работиме и размислуваме во контекст на подготовките на претстојната Визна стратегија, што ќе ја објавиме оваа недела, изјави Ламерт.

Тој повтори дека Системот за влез-излез (ЕЕС) не воведува никакви нови регулативи и никакви нови барања поврзани со должината на престој во Шенген зоната, туку само обезбедува подобра имплементација на постојните правила и систематско откривање на нерегуларни практики.

– Според Шенген правилата, граѓаните на земјите на кои не им е потребна виза за влез во ЕУ имаат право да останат во Шенген зоната 90 дена во период од 180 дена во која било држава. Надвор од ова, престојот мора да биде покриен со виза или со национални аранжмани, додаде Ламерт.

Според него, важно е да се напомене дека овие правила не се нови, туку важат со години подеднакво низ целата територија на Шенген зоната, како и дека тие веќе предвидуваат одредена флексибилност во однос на некои категории работници.

Поврзани вести