Skip to main content

Во Скопје се одржува спортски самит, доаѓаат големи ѕвезди

 Министерот за спорт, Борко Ристовски, во воведното обраќање на денешниот „Регионален спортски самит – Скопје 2025“, се заложи за поголема регионална соработка на спортските чинители на државите во регионот.

– Балканот има талент, Балканот има енергија, но за да ги претвориме тие потенцијали во успеси ни треба соработка. Овде не сме да се натпреваруваме со зборови, туку да се здружиме во акција. Овој самит треба да биде почеток на една нова ера на спортска соработка на Балканот, ера на спортска дипломатија, меѓусебно почитување и регионален развој преку заеднички цели. Спортот е иднината, а иднината ја креираме заедно сега. Веруваме дека денешните дискусии ќе донесат нови партнерства, нови идеи и визија што ќе нè води следните години.

Нашата мисија е да изградиме спорт кој е фер, спорт достапен и инспиративен за младите да веруваат дека иднината ја имаат во своите раце, за компаниите да видат вредност во поддршката, а за државите да препознаат дека спортот е мост за меѓусебно разбирање и соработка, истакна Ристовски.

Скопје денес е домаќин на првиот Регионален спортски самит под мотото „Спортот како национален идентитет и визија за иднината“.

На самитот меѓу другите присуствуваат и министрите за спорт на Република Србија, Зоран Гајиќ, на Црна Гора, Драгослав Шчекиќ, како и домаќинот, министерот за спорт на Македонија, Борко Ристовски.