Skip to main content

Во Грција за нелегални игри на среќа потрошени 11 милијарди евра

Повеќе од половина од Грците во текот на 2025 година учествувале во најмалку една игра на среќа на легалниот пазар, додека пак во нелиценцирани игри на среќа за една година биле потрошени 11,8 милијарди евра, покажуваат податоците од годишниот извештај на Комисијата за надзор и контрола на игрите на среќа во Грција (ЕЕЕП), што денеска беше доставен до претседателот на грчкиот Парламент, Никитас Какламанис, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што информираа од грчкиот Парламент, претседателот на независната управа Антонис Вартоломеос го информирал Какламанис за сите детали од извештајот.

За обемот на учество во нелиценцирани игри на среќа, посочил дека вкупниот износ во таквите игри во 2025 година достигнал 1,8 милијарди евра, додека просечниот износ што го потрошил секој од конкретните играчи изнесува 2.027 евра.

Според анализата на податоците по возрасни групи, 49,7 проценти од играчите кои учествувале во нелиценцирани игри на среќа се на возраст до 44 години.

Дополнително возрасните групи од 18 до 24 години, од 25 до 34 и 45 до 54 години, имаат значително поголемо учество со 9,7 отсто, 19,1 процент и 20,1 отсто.

Во однос на учеството во легалниот пазар на игри на среќа, извештајот наведува дека 54,5 проценти од грчките граѓани изјавиле дека во текот на 2025 година учествувале во најмалку една игра на среќа.

Највисоко учество е забележано кај младите на возраст од 18 до 34 години, каде што 58 проценти изјавиле дека учествувале во игри на среќа.

Претседателот на Комисијата го информирал Какламанис дека акцентот го ставаат и на искористувањето на технологијата и податоците како средства за зајакнување на надзорната и контролната функција на ЕЕЕП, што дејствува како современ, доверлив и ефикасен регулатор, што има клучна улога во создавањето безбедна, транспарентна и одржлива средина за организирање игри на среќа.

Претседателот на Парламентот ја истакнал важната улога на Комисијата во регулирањето, надзорот и контролата на пазарот на игри на среќа и ја нагласил потребата од заштита на играчите, особено на малолетниците и ранливите категории граѓани.

Годишниот извештајот ќе биде доставен до надлежната парламентарна комисија за разгледување и анализа на податоците.

Поврзани вести