
Македонската фудбалска јавност со голема поддршка и чувство за солидарност и хуманост ќе ја бодри нашата репрезентација во вторник на арената „Тодор Проески“ во Скопје.
Повеќе од 18.000 билети се продадени за натпреварот против Велс кој е дел од второто коло од новиот циклус мундијалски квалификации.
Претседателот на Фудбалска федерација на Македонија, Масар Омерагиќ вчера најави дека средствата од продажбата на билетите за овој натпревар ќе бидат донирани за повредените и семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Во овие тешки моменти, нашите мисли се со семејствата на настраданите во големата трагедија во која животот го загубија многу млади луѓе. Како знак на поддршка и солидарност, сакам да најавам дека приходот од влезниците за нашиот следен натпревар против Велс ќе биде дониран за повредените и семејствата на загинатите. Ова е време кога фудбалот покажува дека е повеќе од игра – фудбалот и репрезентацијата обединуваат и помагаат, истакна Омерагиќ.
Натпреварот Македонија-Велес се игра во вечерниот термин од 20:45 минути.