Skip to main content

Миовски и Трајковски се повлекоа, Барди и Алими остануваат со репрезентацијата

Фото: ФФМ

Македонската фудбалска репрезентација денеска на тренинг центарот „Петар Милошевски“ ги продолжува подготовките за гостувањето во Даблин, каде на 31. март ќе се соочи со Република Ирска.

Во пресрет на натпреварот, селекторот Гоце Седлоски се соочува со неколку предизвици, додека дел од одлуките околу почетниот состав од претходниот натпревар против Данска отворија и одредени реакции во тимот.

Коњаспор и кинески Далиан, клубовите на Енис Барди и Исник Алими, официјално побараа двајцата репрезентативци да бидат ослободени од репрезентативните обврски, но Барди и Алими имаат јасен став дека сакаат да останат и бидат дел од националниот тим и ќе конкурираат за настап на дуелот.

Од друга страна, напаѓачот Бојан Миовски, по барање на Глазгов Ренџерс, но и со согласност од самиот фудбалер, е ослободен од обврските и веќе ја напушти репрезентативната база.

Седлоски се осврна и на ситуацијата со Александар Трајковски и Бојан Миовски по натпреварот со Данска, потенцирајќи дека одлуките биле донесени исклучиво врз основа на натпреварувачката форма и тактичките барања.

–  Александар Трајковски не беше задоволен што не започна во првиот состав, но во овој момент сметам дека физички не е на нивото потребно за да одговори на барањата на ваков натпревар. Нашиот план беше, доколку има потреба, Трајковски да добие шанса во завршницата, но текот на натпреварот не го наложи тоа. Нема причина некој да се чувствува навреден. Слична беше ситуацијата и со Бојан Миовски, кој исто така не беше задоволен што не започна, но мора да се прифати дека во репрезентацијата има 23 фудбалери и никој нема загарантирано место во почетниот состав, изјави Седлоски.

Дополнителен хендикеп за стручниот штаб претставува и повредата (адуктор) на Јани Атанасов, кој по направените медицински прегледи (магнетна резонанца) нема да биде во можност да настапи на натпреварот во Даблин. 

Поврзани вести