Заврши „Зимска Приказна”, фестивал што во текот на изминатите 18 дена ја претвори Битола во центар на празничната магија и манифестацискиот туризам. Со повеќе од 150 настани, 400 часа програма и над 50.000 посетители, Битола блесна како град што знае да ги обедини традицијата, креативноста и заедништвото.
Од лизгалиштето на плоштадот Магнолија, што потсети на европските метрополи, до дисперзираната програма во Старата чаршија, „Зимска Приказна“ понуди содржини за сите вкусови и генерации. Возот „Мечо,“ украсените киосци околу Офицерски дом со гастрономски специјалитети, празничниот плоштад со редица вечерни концерти, парадата на моторџиите Дедо Мразовци, искачувањето на врвот Пелистер на првото изгрејсонце во Новата Година, беа само дел од мозаикот на емоции и радост.
Со оваа манифестација, градот не само што го слави празничниот дух, туку директно придонесува за локалниот економски развој. Угостителите, производителите на традиционални ракотворби, превозниците и сместувачките капацитети забележаа значителен пораст во прометот. Туристите од Грција и регионот, ја посетија Битола за да бидат дел од оваа магична приказна.
„Зимска Приказна“ е показател за тоа како една визија може да оживее преку поддршка на градот Битола и локалните компании. Анкетите покажаа дека најголем дел од битолчани барем еден ден биле дел од настаните, додека голем број гости изразија задоволство од програмата која ја истакна убавината на градот.
Социјалните мрежи беа преплавени со фотографии од граѓани и посетители, каде емоциите беа јасно видливи – насмевки, радост и празничен дух.
На крајот на оваа манифестација, „Зимска Приказна“ покажа дека Битола не е само град со богата историја, туку град со иднина, со капацитет да биде регионален лидер во културниот туризам.
Организаторот, Општина Битола со пораката
„Битола, твојата приказна продолжува”, го најави нејзиното продолжување за следните празници.