
Горан Винчиќ – Винча, еден од најбараните стенд-ап комичари во регионот, пристигнува премиерно во Македонија со своето ново самостојно шоу! Популарниот Винча оваа пролет ја освојува сцената со целосно нов материјал — за времето во кое живееме, кое е истовремено смешно и загрижувачко, за општество што се распаѓа, а се смее – и ја најавува големата регионална и европска турнеја во чии рамки новото шоу на Горан Винчиќ, „Комедијата е сериозна работа“ ќе има своја премиера пред македонската публика, на 8 мај во Филхармонија.
Горан Винчиќ Винча отвора ново поглавје во својата кариера со „Комедијата е сериозна работа“, неговиот трет самостоен стенд-ап проект кој го продолжува успешниот низ на хитовите „Дежурен виновник“ и „Кажи ми дека се шегуваш“. Во новото шоу, Винча се враќа поостар, поискрeн и позабавен од кога било досега.
Визуелниот идентитет на шоуто е инспириран од симболиката на познатата слика „Stańczyk“ на полскиот уметник Јан Матeјко. На неа, дворскиот шут — единствениот свесен за тежината на политичките и општествените потреси — седи замислен додека околу него се одвива безгрижна забава на елитата. Токму таа идеја — народната мудрост скриена во хуморот — станува темел на новиот материјал на Винча.
„Комедијата е сериозна работа“ го секцира современиот свет: медиумскиот хаос и неправдата, општествените апсурди, генерациските судири и секојдневната доза лудило што ни станува нормална. Винча, како модерен Stańczyk, преку хумор отвора теми кои често се туркаат под тепих, претворајќи ги во ослободувачка смеа.
Винча порачува:
„Човечката цивилизација одвреме-навреме најавува крај на светот и дека никогаш не било полошо… Така е и овој пат. Светот полуде, вредностите се уништени, ништо веќе не се сфаќа сериозно — освен комедијата. Комичарите се осудуваат за своите зборови, од нив се бара да преземат одговорност и во нив се бара гласот на разумот или главниот виновник. Комедијата речиси секогаш е разонода, освен кога искрено загрижува, кога ги погодува сите оние проблеми што го мачат нашето општество и кога стапнува на жуљ поради кажаната вистина — тогаш станува сериозна работа.
А ќе има и фори за секс, Непалци и баба, така што — задолжително дојдете!“
Првата изведба, во Спортската сала „Борик“ во Бања Лука оваа пролет е вовед во турнејата на која Винча повторно ги полни најголемите сали во регионот — од сараевската Скендерија и подгоричката „Бемакс Арена“, до величествената Филхармонија во Скопје на 8 мај — пред шоуто да продолжи на турнеја низ регионот и бројни европски градови (Цирих, Франкфурт, Берлин и други).

Македонски




