Skip to main content

Звукот на Битола, конечно забележан на винил

Музичка независна сцена Битола

Во време кога градовите често се репродуцираат според туѓи матрици, Битола останува својствена – тивка, но гласна на свој начин. Градот со свој ритам, енергија и творечки набој конечно добива звучна слика што може да се допре – на плоча.

We Pretend It’s a City – Bitola е првиот компилациски винил албум што ја документира независната музичка сцена на Битола. Овој проект не нуди гламурозен фасаден звук, туку го бележи она што навистина се случуваше на етаблираната сцена на авторски бендови во градот – кои започнале да музицираат по станови, гаражи, импровизирани студија, а оствариле одлична кариера која има свој видлив печат низ времето.

Ова не е обид за ретро носталгија. Оваа компилација е сведоштво за Битола каква што некои од нас ја доживуваат – искрена, творечка, независна. Звучно и емоционално реална. Сакавме да го пренесеме тој органски звук што не глуми урбаност, туку ја живее,“ – вели Никола Димитровски, продуцентот што стои зад целиот проект.

Албумот е издание на независната платформа We Pretend It’s a City – иницијатива што последниве години мапира, архивира и охрабрува автентични појави во креативната култура на Битола. Наместо да создава сцена, таа го препознава она што веќе постои. Наместо да вградува систем, таа создава нов простор за негова промоција.

Во албумот се вклучени бендови и артисти што се суштински за звукот на градот. Промоцијата на албумот ќе се одржи наскоро, а јавноста деновиве ќе ја добие и целосната листа на изведувачи.

Тимот зад проектот го сочинуваат:

• Продуцент: Никола Димитровски

• Соработник: Александар Гроздановски

• Мастерингот го изработи MICHAEL / Bladud Flies!, од Велика Британија

• Пресингот е направен во Италија

• Автор на дизајнот е  Dimsuro Design Studio

• Печатење на омот е направено во Македонија во АНС печатница

Музиката на оваа плоча доаѓа од артисти кои се дел и од формалната сцена и се исклучително важни за македонската современа музика. Тие не се хиперпродуцирани, но се искрени. Имаат свој звук, своја приказна и свој Битола-потпис.

Сакавме нешто што ќе се допира, што ќе тежи во рака, што ќе има патина на траење. Сакавме запис што нема да се потроши со првото слушање. Туку ќе остане“ – истакна Димитровски.

Изданието ќе биде достапно во лимитирана физичка верзија, наменета за љубителите на аналогниот звук, колекционерите, но и сите оние што сакаат културниот живот на еден град да го препознаат и задржат – на звук, на омот, во рака.

Поврзани вести