Skip to main content

Виртуозниот кинески виолинист Нинг Фенг настапува со Филхармонија

Овој четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе одржи концерт насловен „Хармонија“ на кој како солист ќе настапи виртуозниот кинески виолинист Нинг Фенг, а диригент е маестро Емил Табаков од Бугарија.

На програмата се Концерт за виолина и оркестар бр. 1 во Де-дур, оп. 19 од Сергеј Прокофјев и Симфонија бр. 11 во ге-мол, оп. 103 од Дмитри Шостакович.

Еден од водечките виолинисти во Кина денес – Нинг Фенг, иако постојано настапува во својата земја со видни оркестри, тој е и еден од најбараните музичари и во Европа. Моментно живее во Берлин и ужива светска кариера. Критиката ќе го оцени како уметник со прекрасен лиризам и емотивна транспарентност, како музичар со инспиративни технички остварувања. Нинг Фенг студирал на Конзерваториумот за музика во Сишуан, потоа на Школата за музика „Ханс Еислер“ во Берлин со познатата виолинистка Антје Вајтхас, како и на Кралската музичка академија во Лондон со Ху Кун, каде што ќе стане првиот студент кој некогаш бил награден со 100 проценти за неговиот завршен рецитал. Фенг е добитник на многу награди, меѓу нив и на престижните меѓународни натпревари по виолина „Паганини“, „Кралица Елизабета“ и „Јехуди Менухин“ во Лондон, каде што денес е член на жирито, или на „Мајкл Хил“ во Нов Зеланд. Соработувал со голем број реномирани оркестри, меѓу кои и со Фестивалскиот оркестар на Будимпешта, Рускиот државен симфониски оркестар, Стразбуршката филхармонија, со Филхармонијата на Лос Анџелес, со Берлин концертхаус оркестар, со симфониските оркестри на Сингапур и на Макао, со Кралскиот оркестар на Ливерпул, со Филхармонијата на Хонгконг, со Радиосимфонискиот оркестар на Франкфурт…, со реномирани диригентски имиња. Активен е и како камерен музичар. Член е на „Драгон квартет“ и редовно соработува со истакнатиот пијанист Игор Левит. Магазинот „Пицикато“ ќе напише дека е музичар кој „импресионира, не само со техничките вештини туку и со топлината, а неговиот тон е постојано полн и лирски…“ Нинг Фенг свири на виолина „страдивариус“ од 1721 година.

Маестро Емил Табаков (1947) од Бугарија се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Образованието го завршува на Бугарската државна академија студирајќи контрабас на Гудачкиот оддел, паралелно студира и дипломира на Одделот за диригирање, а во 1978 година дипломира и на Одделот по композиција. Една година пред тоа, Табаков ја освојува првата награда на натпреварот за млади диригенти „Николај Малко“ во Копенхаген и оттогаш неговата кариера рапидно расте.

Од 1976 до 1979 работи како диригент на Филхармонијата во Русе, а од 1979 сè до 1988 година, тој е уметнички раководител и диригент на реномираниот камерен оркестар „Софиски солисти“, со кого остварува значајни концерти ширум светот. Во 1985 година станува диригент на Софиската филхармонија, од 1987-та е нејзин главен диригент, а од 1988 до 2000 година – музички директор и уметнички раководител. Од 1994 до 1999 година, маестро Табаков наедно е диригент и музички директор на Белградскиот филхармониски оркестар. Од 2002 до 2008 година, тој е главен диригент и музички директор на Билкент симфонискиот оркестар во Анкара, Турција, а од 2008 година и главен диригент на Симфонискиот оркестар на Бугарското национално радио. Покрај оркестрите во неговата родна Бугарија, како гостин диригент настапува со оркестри во Германија, Англија, Шведска, Полска, Франција, Италија, Русија, Шпанија, Романија, Австрија, Швајцарија, Данска, САД, Австралија, Канада, Јапонија, Јужна Кореја, Сингапур, Тајван, Израел, Холандија… Маестро Табаков диригирал и многу оперски спектакли во Венеција и во Торино, на пример, а на репертоарот на овој диригент се наоѓаат многубројни симфониски оперски дела, од класичните, романтичните и од современите композитори, диригирајќи концерти со национални оркестри на Франција, Русија, Грција, Турција.

Досега реализирал повеќе од 250 симфониски и оперски записи за голем број музички куќи во Бугарија, Германија, Холандија, САД, а од нив се издвојуваат комплетните снимки на сите симфонии од Густав Малер (колекција од 15 цедеа), комплетни циклуси симфонии од Александар Скрјабин и од Јоханес Брамс, сите концерти за пијано и оркестар од Лудвиг ван Бетовен… Покрај диригентската кариера, Емил Табаков се издвојува и како еден од најинтересните бугарски композитори. Автор е на многубројни концерти за различни инструменти, на дела различни по форма за симфониски оркестар (девет симфонии) и други формации. Носител е на престижни награди и како диригент.

Поврзани вести