
По повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, политичката партија ВМРО-ДПМНЕ упати честитка до граѓаните, потенцирајќи ја важноста на јазикот како темел на националниот идентитет, културата и државноста. Од партијата нагласуваат дека јазикот е жив доказ за постоењето на македонскиот народ.
„Македонскиот јазик е темел на нашиот национален идентитет, нашата култура, историја и државност. Тој е јазикот на нашите предци, јазикот на нашата борба, нашата песна, нашата мисла и нашето постоење.
На овој ден се потсетуваме дека македонскиот јазик е аманет што сме должни да го чуваме, негуваме и пренесуваме на идните генерации.
Во време кога се соочуваме со обиди за оспорување и негирање на македонската посебност, нашата должност е уште погласно и поцврсто да застанеме во одбрана на македонскиот јазик. Никој нема право да ни го одземе она што е наше, она што е дел од нашиот корен и од нашата историја.
ВМРО-ДПМНЕ останува силно посветена на заштитата и афирмацијата на македонскиот јазик, дома и пред светот. Ќе продолжиме да се бориме против секој притисок, секое негирање и секој обид за обезличување на македонскиот народ и неговиот јазик.
Македонскиот јазик бил, е и ќе остане жив доказ за нашето постоење. Тој е нашата гордост, нашата обврска и нашата иднина.
Нека ни е честит 5 Мај – Денот на македонскиот јазик!“, стои во честитката од ВМРО-ДПМНЕ.

Македонски



