Skip to main content

Промоција на албумот „Long Slow Fall“ на триото Филип Букршлиев, Дени Омерагиќ и Нинослав Спировски

Албумот Long Slow Fall на триото Филип Букршлиев, Дени Омерагиќ и Нинослав Спировски ќе биде промовиран задутревечер (27 јануари) во 21 часот во Македонски паб „Sе“ во Скопје. Албумот е редок пример на современа импровизирана музика што одбива да се стабилизира во една форма, жанр или естетска рамка. Наместо тоа, нивната музика постои во состојба на постојано лизгање, пропаѓање и повторно појавување – како процес, а не како завршен објект. Овој албум не е збир на композиции во класична смисла, туку динамична мрежа од ситуации, гестови и реакции, во кои фри џезот функционира како метод, а не како стил.

Во жив контекст, оваа музика добива дополнителна димензија. Концертот на триото е простор на радикална непредвидливост: структури што се појавуваат и исчезнуваат, лирични фрагменти што ненадејно се распаѓаат во шум, електронски текстури што се судираат со акустична експресија, ритмички импулси што постојано се редефинираат. Џезот тука не е жанровска одредница, туку отворено поле низ кое музичарите слободно маневрираат, флуктуирајќи помеѓу лиричност, ноиз, апстракција и сурова енергија.

Она што особено ги одликува настапите на Филип Букршлиев, Дени Омерагиќ и Нинослав Спировски е нивната изразена игровност. И покрај комплексноста и ризикот што ги носи ваквиот пристап, музиката зрачи со виталност, хумор и телесна енергија. Секој концерт е колективна игра на слушање и реакција, во која ништо не е однапред договорено, но сè е длабоко поврзано.

Албумот може да се преслуша на следниов ЛИНК.

Поврзани вести