
Битолскиот мешан хор при КУД „Стив Наумов“ со три златни медали се врати од Бијељина, БиХ, Република Српска, каде по 24. пат, од 9 до12 мај, се одржа меѓународен хорски натпревар. Македонските претставници се покажаа во најдобро светло, освојувајќи ги највисоките награди на хорскиот фестивал „Мајски музички свечености“ на кој учествуваа преку 40 хорови од различни категории.
Според диригентката и професор по хорско диригирање Лилјана Трајковска-Димевски, искуството од овој натпревар е извонредно, и како што вели, сè уште се под импресии од настапот.
Во Бијељина се натпреварувме во две категории, за православна музика, каде освоивме 98 поени и таму бевме со 7 други хорови, а се натпреварувавме и во категорија на мешани состави, каде освоивме 98,57 поени. Тоа се многу високи поени со кои сме рангирани на листата на жири-комисијата. Во категоријата на мешани состави, исполнивме и едно современо дело за кое исто така бевме наградени. Тоа е од големо значење и за мене, затоа што сме го промениле репертоарот и притоа хористите одлично успеале да се снајдат и тоа за кратко време за кое сè е подготвено, вели Трајковска-Димевски.
Културно-уметничкото друштво „Стив Наумов“ од Битола минатата година го одбележа својот 80-годишен јубилеј. Тоа е најстарото друштво во државата, формирано два дена по ослободувањето на Битола, на 6 ноември 1944 година, а првиот диригент бил Тодор Скаловски.