Skip to main content

Јубилејниот EXIT фестивал со повеќе од 200.000 посетители ја одбрани слободата

Неизвесен до последен момент, јубилејниот EXIT не само што се одржа, туку го приреди и најемотивното издание, со кое круниса 25 години љубов, музика и слобода. Од 10 до 13 јули, Петроварадинската тврдина обедини над 200.000 луѓе од целиот свет, со пораката дека слободата, музиката и љубовта се најважните вредности што ги негува повеќе од четвртина век.

Првата вечер на јубилејниот EXIT Фестивал беше отворена со единствениот уметнички перформанс Emergency EXIT создаден во соработка со славната шпанска трупа Ла Фура делс Баус. Мултидисциплинарниот спектакл донесе спој на музиката, визуелната уметност и театарот преку впечатливи пораки за современиот соживот и односот меѓу човекот и природата.

Истата вечер, на Петроварадинската тврдина завладеа и громогласната тишина – 40.000 луѓе замолкнаа за 16 минути во знак на почит кон жртвите од трагедијата во Нови Сад. На бините имаше емотивни моменти и силни пораки – од песната „Freed from Desire“ од италијанската пејачка Гала, преку инспиративното гостување на светски признатиот мотивациски говорник Хенри Амар, кој на десетиците илјади луѓе им порача: „Не можат да ни ја земат слободата“.

Од главната и најголема фестивалска бина, пораките за слобода одекнуваа во текот на целата ноќ, а легендарниот музичар и активист за човекови права Боб Гелдоф и Д Бумтаун Ретс рекоа: „Стоиме со студентите, со промените, стоиме со иднината!“, додека италијанската пејачка Гала го истакна своето изненадување од свежата енергија во моментот кога стапна на главната Tesla Universe бина: „Кога се качив на сцената, бев изненадена – сè беше ново, свежо“.

Глобалниот хитмејкер Тиесто приреди вистински спектакл, воден од енергијата на реката луѓе кои до доцна во ноќта пееја и танцуваа на главната бина на EXIT фестивалот.

Монументалната Денс Арена беше во знакот на најбруталниот Техно четврток, предводен од двете најмоќни жени на светската електронска сцена – Амели Ленс и Нина Кравиц, како и јапонскиот електро-шаман Јусуке Јукимацу, кој токму со овој настап ја започна својата летна европска турнеја.

На вториот ден од фестивалот, во петок, 11 јули, во рамките на премиерниот Rebel Rave концепт, Тврдината стана епицентар на сирова енергија со враќањето на легендарните Д Продиџи! Во текот на целиот настап, верните фанови со овации ги дочекуваа хитовите што обликуваа генерации, славејќи со бендот 30 години од нивниот прочуен настап во белградската сала Пионир. „Егзит фестивал, Србија – ова е наш шести пат да свириме тука. Свириме затоа што ве сакаме, ги сакаме овие луѓе. Вие сте секогаш таа енергија, таа бучава!“, објавија тие на својот Инстаграм профил, потврдувајќи ја нераскинливата врска со овие простори. Премиерниот Rebel Rave концепт беше збогатен со настапите на „Ај Хејт Моделс“, Лоренцо Раганзини во заеднички сет со Паоло Ферара и Трим, додека еден од највлијателните продуценти на електронска музика, Ерид Придз, настапи на Денс Арената, а публиката ја дочека зората со Хот Синс 82 и неговиот препознатлив звук.
 
На третиот ден од Exit, во сабота, 12 јули, на главната бина, по 11 години, одекнаа безвременските хитови на популарниот поп бенд Хртс, а по внимателно курираната сетлиста, фронтменот на бендот Тео Хачкрафт изјави: „Прекрасно е да се биде дел од толку голема прослава. EXIT, среќен ти роденден!“. Вечерта беше дополнително збогатена со настапите на Мистик Марли, Бурак Јетер и Марко Луис, додека Соломун со својот Diynamic Stage Take-Over ги надмина очекувањата дури и на своите најверни обожаватели, продолжувајќи го сетот за речиси еден час! Покрај него настапија и Мау П, диџеј Гигола во б2б сет со Тијана Т, Огазон, Лана и Хобин Руде.

Последниот ден од фестивалот, 13 јули, беше обележан со незапирливата енергија на Секс Пистолспредводени од Френк Картер, кој со повиците за поддршка на студентските протести во Србија покажа зошто панкот е сè уште неопходен! Слегувајќи од сцената во публиката, тој потврди дека легендарниот бенд добил фронтмен кој „не дошол во бендот да замени некого, туку да ја раздрма светската јавност“. Еден од најбараните француски музичари на сите времиња, диџеј Снејк, се придружи на јубилејната програма на главната бина и ги донесе глобално популарните хитови кои ги полнат арените и стадионите низ целиот свет, а пред него настапија и бендовите Гоблини и Глорихамер.
На историското затворање на монументалната Денс Арена, настапи минимал-техно кралот Борис Брејча, чие враќање беше пречекано од публиката со овации од првиот до последниот такт. Најемотивното изгрејсонце во Храмот на електронската музика го приредија Сара Ландри и Индира Паганото.
 
Еклектичната постава на Фјужн бината за време на четирите фестивалски ноќи ја предводеа Партибрејкерс, Коби, Никола Врањковиќ, Пекиншка Патка, Бојана Вунтуришевиќ, Хиљсон Мандела, З++, Црни Церак и Лаку, Охајо, Џони Миднајт Трио, а програмата на Но-Слип-Нови-Сад бината беше обележана со настапите на РПР Саундистем, Соња Мунир, Штуби, Гиола, Кол Најт, Хани Лав, Лоренцо Раганзини, Паоло Ферара, Дејан Милиќевиќ, додека последниот танц на оваа култна бина беше овековечен со No Sleep Last Dance завршницата.

Поврзани вести