
„Една битка по друга“ на Пол Томас Андресон со шест награди е апсолутен победник на БАФТА, Британска академија за филмски и телевизиски уметности чија церемонија синоќа се одржа во Кралската фестивалска сала во Лондон каде што водител беше Ален Каминг.
„Една битка по друга“ ги освои наградите за најдобар филм, најдобар режисер, најдобро адаптирано сценарио, споредна машка улога, монтажа.
Потоа следуваа „Грешниците“ на Рајан Куглер и „Франкенштајн“ на Гилермо дел Торо, со по три награди. Куглер, исто така, влезе во историјата како прв црнец што ја освои наградата за најдобро оригинално сценарио.
Овогодинешните награди беа обележани со бројни неочекувани исходи, а трката за наградите се покажа неизвесна до самиот крај. Најголем губитник на вечерта беше „Марти Суприм“, филмот со најмногу номинации што заврши со празни раце.
Најголемото изненадување дојде од Роберт Арамајо, кој ја освои наградата за најдобар глумец за неговата импресивна улога во биографскиот филм „Се колнам“, победувајќи ги Леонардо Дикаприо, Итан Хоук и Тимоти Шаламет. Тоа беше неговата втора БАФТА награда за вечерта.
Шон Пен за споредна улога и Вунми Мосака за споредна женска улога во „Грешниците“, исто така, ги освоија своите први филмски награди БАФТА, победувајќи ги фаворитите Стелан Скарсгард и Тејана Тејлор. Џеси Бакли ги оправда очекувањата и ја освои својата прва БАФТА награда за најдобра женска улога за нејзината емоционално моќна улога во „Хамнет“.
„Франкенштајн“ од Гилермо дел Торо освои три награди. Иако Џејкоб Елорди остана без наградата за најдобар спореден глумец во силната конкуренција, филмот беше препознаен во техничките категории, освојувајќи награди за најдобар костим, сценографија и шминка и фризура. Наградите за визуелни ефекти и звук им припаднаа на „Аватар: Оган и пепел“ и „Ф1: Филмот“.
Наградата за извонреден британски филм ја освои историската драма „Хамнет“ во режија на Клое Жао. Ѕвездата од „Се колнам“, Роберт Арамајо, ја освои и наградата „EE Rising Star“, која ја доби публиката.

Македонски



