Skip to main content

Новите анти-глобалисти

Годинава на конференцијата на СТО во Давос светот доби нов анти-глобалистички херој. Човек кој бестрашно, во очи на целата глобална елита и кажа како со децении го лажеле човештвото, како воспоставиле систем во кој богатите стануваат се побогати, а сиромашните – посиромашни, и како мора да се каже „доста“ на оваа измама. Кој беше тој херој? Канадскиот премиер Марк Карни. Неговиот говор на големо и нашироко се прераскажуваше пред кооперациите – „виде како им го рече?“. Целта на овој бунт – американскиот претседател Доналд Трамп – одговори гневно, заканувајќи и се на суверенитетот на Канада и нарекувајќи го Карни со погрдната титула која претходно ја користеше за Џастин Трудо – гувернерот на американската провинција Канада.

Да погледнеме од која социјалистичка комуна или десничарски портал дојде овој нов херој на анти-глобализмот. Карни студирал во Харвард (не е познато дали таму се дружеле со Таче Ковачевски), потоа докторирал во Оксфорд пред да почне да работи во светскиот банкарски гигант Голдман Сакс. Таму толку се истакнал со своите анти-глобалистички позиции што во 2008 е именуван за гувернер на централната банка на Канада, а во 2013та е именуван како прв странец кој станал гувернер на Банката на Англија (!). Потоа работел во Блумберг, Светската Банка, во инвестициски фондови и во Обединетите Нации.

Во 2025та година, кога Канаѓаните се побунија против владата на Трудо, која им донесе една од највисоките стапки на раст на цените на недвижностите и масовен наплив на мигранти од Индија и Третиот Свет (анти-глобалистите би рекле дека овие две нешта се поврзани), беше извесно дека центар-десно партијата на Пјер Полиевр ќе победи на изборите. Трудо реши да направи ризичен маневар – се повлече од премиерската позиција да се посвети на врската со Кети Пери, а го именуваше Карни за премиер. Гневните Канаѓани го препознаа новиот премиер како продолжение на режимот кој ќе донесе само повеќе мигранти и неодржливи економски политики. Но, Трамп реши да почне да ја провоцира Канада, прогласувајќи ја за идна американска провинција, напаѓајќи го Карни како негов гувернер во Отава. Ова му овозможи на бледиот безличен белосветски бирократ да почне да се претставува како патротски канадски политичар користејќи неколку хокеарски фрази што ги користат нормалните Канаѓани како elbows up (кои на Карни морале да му ги објаснат). Десницата во Канада има слична програма како десницата во САД, само во поблага верзија – се залагаше за развој на нафтените и другите минерални ресурси и укинување на лудите еколошки правила воведени од Трудо, со што ќе се отворат работни места за канадската работничка класа за младите евентуално да може да купат куќа и да основаат семејство, и намалување на миграцијата со што се смета дека ќе се забави галопирачкиот раст на цените на недвижностите, стапката на криминал и притисокот врз образовниот и здравствениот систем. Но бидејќи за десницата се сметаше дека е блиска до Трамп (Полиевр се обидуваше да стапи во контакт со децата на Трамп, па потоа избегнуваше јавна средба со нив), оваа чесна, патриотска опција беше прогласена за пета колона на САД, а одродениот екс-Канаѓанец Карни беше префарбан во патриот. Нормално, левицата успеа да направи неколку типични трикови – се здружи со Џагмит Синг, лидерот на про-мигрантската Нова Демократска Партија, кој практично ги повлече своите кандидати пренасочувајќи ги гласовите кон левите либерали на Карни. Длабоката држава во Канада инвестираше и во поделби кај конзервативците на Полиевр, и пред се, водеа кампања кај постарите Канаѓани дека евентуална победа на Полиевр ќе им ја намали цената на недвижностите кои ги имаат. Така, најбогатиот слој граѓани во Канада – постарите граѓани со исплатени недвижности – се здружија со мигрантските заедници кои веќе доминираат со големите градови и гласаа против младите Канаѓани од помалите рударски и индустриски градови и села. Урбано Торонто ја надгласа руралната рударска Алберта и гневот на Канаѓаните беше сузбиен (вклучително и со полициски методи – се сеќаваме како властите здружени со комерцијалните банки ги прогонуваа и ги замрзнуваа сметките на Канаѓаните кои учествуваа во таканаречените камионџиски протести). Главна слика што произлезе од овој глобалистички, либерално-левичарски удар против десницата беше сцената кога еден постар поддржувач на Карни, соочен со демонстранти против Карни кои протестирале дека младите Канаѓани кои не можат да си дозволат да купат куќа и да основаат семејство, одговори со среден прст на двете раце. И сега, носителот на овој глобалистички проект да се запре очекуваниот бран на десницата по победата на Трамп ни се претставува во Давос како водач на анти-глобалистичкиот отпор. Да се крсти човек со две раце.

Трамп и неговите поддржувачи беа прашувани дали баш мораше да ја отвори неговата уста и да ја чини канадската десница сигурна победа на изборите, но стратезите во Вашингтон не дадоа објаснување. Некои од нив велеа дека на Америка и одговара да продолжи либерално-левичарскиот режим во Канада, работите да продолжат да стануваат полоши таму, со повеќе мигранти, повеќе затворени фабрики и рудници, построги еколошки правила и поскапи недвижности, за некогаш во иднината во Канада да се создаде апсолутно мнозинство во поддршка на десницата, или пак целата држава да реши да се приклучи кон САД, но ова е нереален сон.

По дебаклот во Канада, десницата забележа неколку помали изборни успеси – во Словачка и Чешка на пример, како и во Чиле, и ја принуди либералната елита да поништува избори и забранува кандидати во Романија. Но, останува отворено прашањето дали навистина, благодарение на Трамп, ќе видиме светски бран на десницата. Сведоци сме дека, барем во западна Европа, непопуларноста на Трамп дури и кај десните гласачи може скапо да ги чини домашните десничарски партии. Деновиве десницата во Франција и Британија, која апсолутно се согласува со Трамп на клучните прашања како што е неодржливата состојба со напливот на мигрантите, мора да се оградуваат од него и дообјаснуваат за сосем маргинални, споредни прашања што ги отвара американскиот претседател како што се пингвините на Гренланд. Од една страна, Трамп им помага на помали држави како што е Македонија со запирањето на либерално-левичарските програми за мешање во политичките прашања на странски држави како што беше УСАИД. Од друга страна, сосем е можно дека со неговата непредвидливост, на пример со изјави за (не)учеството на Британија, Австралија или Данска во војната во Авганистан, Трамп може да предизвика проблеми за десничарските партии пред избори и да им даде шанса на циничните левичарски политичари како Карни лажно да се претставуваат како анти-глобалистички популисти и патриотски заштитници на домашното население кое инаку со сите сили се трудат да го заменат со мигранти. Трамп, Џеј Ди Венс, Илон Маск, па дури и водечки претставници на Стејт Департментот отворено го поставуваат прашањето за забрзаната демографска трансформација на Европа и бараат европските држави да им дозволат на своите десничарски партии и активисти слободно да го поставуваат ова прашање без да се соочуваат со забрани и апсења за статуси на социјалните мрежи. Но, во дел од Европа Трамп и Америка воопшто се токсични, а длабоката држава покажа дека може ова умешно да го користи.

И навистина, Трамп делува грубо и недоделкано кога им се заканува на премиерите на држави како Данска, или Норвешка (за Нобеловата награда) или го тера шефот на Радмила Шекеринска, ген-секот на НАТО Руте јавно да му се додворува и да го нарекува „татичко“. Патем, еден друг екс премиер на Норвешка, како ген-сек на НАТО, доаѓаше кај нас да ни го смени името, а Руте лично долета да договори киднапирање на пратеник кој претходно работел во холандската амбасада, за да му купи уште неколку години живот на режимот на Заев. Толку за кутрите мали европски држави на кои им се заканува Трамп – неговиот конфликт не е со Данците или Холанѓаните – напротив, американската десница е екстремно гласна во повиците кон малите и поголемите народи на Европа дека мора да го вратат суверенитетот на своите држави од ЕУ и од либерално-левичарската елита која ги владее. А претставниците на таа елита, Руте, Столтенберг, Стармер, Макрон.. а особено Рада, не се автономни, суверени претставници на народите и организациите кои номинално ги застапуваат, туку се ракоположени агенти на Вашингтон, кои поминале низ американските универзитети и полу-разузнавачки школи како Атлантскиот Совет (прочитајте ја само биографијата на „претседателот на Финска“ Стаб, кој е пратен заедно со Руте да се обиде да му се додворува на Трамп). Како аутсајдер во американската политика, па и во неговата Републиканска Партија, Трамп не ги добива овие европски лидерчиња во мираз со стапувањето на функција. Тие се уште се координираат и работат заедно со американскиот надворешно-политички естаблишмент граден во времето на Клинтон, Обама, Бајден, но и Буш, естаблишментот на Подеста, Блинкен, Нуланд. Екипата која ги почна војните во Авганистан, Ирак, Либија, која ги организираше обоените револуции кои ги испровоцираа ужасите во Украина, Сирија и Јемен.

Тој естаблишмент, преку Марк Карни, сега не повикува да сме се побунеле против американскиот хегемонизам. Луѓе кои покажаа дека одвај чекаат да ги заменат Данците кои живеат во Копенхаген, Канаѓаните во Торонто и Англичаните во Бирмингам ќе не убедуваат дека многу се загрижиле за Ескимите во Гренланд или за Украинците во Украина и ќе ги бранеле од Трамп. Кога конечно, по целосно неуспешниот прв мандат на Трамп, постои релативно способна и организирана десничарска екипа во Вашингтон со три зададени цели – да ги запре војните што ги почна либералната елита, да го запре мигрантскиот бран на екипата на Сорос и да се реиндустријализира Западот за повторно да имаме нормални работни места и предвидливи цени (со што ќе се поништи клучното предвидување на елитата на Давос – дека ќе немаме ништо, ќе јадеме бубачки и така ќе бидеме среќни). Како аутсајдер, Трамп преживеа обиди за атентат и политички водени судски процеси, во кои беа опфатени голем број негови најблиски соработници. Сега се соочува со координирани напади на либерално-левичарската елита, преку Украина и заканата за војна во Европа, преку способноста да се влијае врз кревкото примирје на Блискиот Исток, преку влијанието врз разузнавачките служби и преку засилената обоена револуција која е во тек во САД (каде гледаме како левичарски активисти се обидуваат да ја попречат полицијата во депортирање на мал дел од милионите мигранти што влегле во земјата во времето на Обама и Бајден, кога границите на САД буквално биле отворени).

Овој циничен, лажен анти-глобализам кој либералните левичарски елити го применуваат со цел да ја збунат и поделат десницата го гледаме на дело и во Македонија, каде ни се случи партија која буквално е продукт на УСАИД, Фондацијата на Сорос и бриселските и германските тинк-тенкови, преку ноќ да прогласи дека сега е анти-имигрантска партија која ќе ја бранела нацијата од странците кои носат болештини и доаѓаат да убиваат и силуваат. Фали уште СДСМ да излезат на прес конференција и да изразат поддршка на американската полиција која ги депортира мигрантите и повремено пука на соросоидните демонстранти кои се обидуваат да ги попречат – е до толку е забегана работата. Многу се зборува деновиве за српските инструктори кои СДСМ ги ангажирале, но очигледно не доплатиле за квалитетен превод на нивните политички програми на македонски јазик, или прилагодување на програмата кон македонските граѓани, па нудат програма наменета за српска опозициска партија. Но, изгледа дека се обиделе (колку што можат) да применат и други искуства, на пример од Полска и особено од Унгарија, каде што по неколку неуспешни напади врз десните суверенистички партии, либералната левица се обидуваше, слично како Карни, да се преправи во десна опција. Па така Полска денес е предводена од партија од типот на СДСМ, но номинално од десната опција. Во Унгарија, Брисел и Вашингтонската Длабока Држава решија да ангажираат политичар кој произлегува од десната партија на Орбан и му дозволуваат на избори да оди со програма која не е отворено про-ЛГБТ и про-мигрантска, само со цел да успее да излаже некој десничарски гласач дека се работи за нормален политичар кој и мисли добро на сопствената држава и нација. Ништо чудно, освен српските инструктори, СДСМ да добиле некој советник или да превеле програма подготвувана за тековните обоени револуции во земји како Унгарија. Се разбира, нивен хендикеп е што спомените на начинот на кој ја потчинија сопствената партија на албанскиот фактор, како ги исполнуваа сите барања на соседните држави и на светските престолнини, се премногу свежи за да можат толку бргу да се ребрендираат во патриотска опција. Но, ако ултра-глобалист како Карни може да се претставува како анти-глобалист и бунтовник против светскиот поредок, зошто да не пробаат и есдеесовците?

Поврзани вести