Skip to main content

Лицемерно и деструктивно политичко критизерство

За очекување беше пожарите кои што беснеат низ Македонија да добијат своја политичка компонента која се манифестира преку меѓусебно обвинување на главните политички актери во државата. Не зачудува фактот, ниту пак е некаква новина, опозицијата да ја обвинува власта за недоволно или несоодветно ангажирање околу справувањето со оваа редовна појава во летните месеци. Тоа е веќе редовен начин на однесување и тука нема ништо конкретно кое што ќе пружи нов пристап во предлагањето решенија за поефикасно надминување на состојбата со пожарите.
Целата активност се сведува на обвинувања и критики за секој чекор што го презема власта, дури и за оние кои овозможуваат зголемена ефикасност и додадена вредност во однос затекнатата состојба и она што претходно било применувано од поранешната власт, сегашна опозиција. Не зачудуваат критиките упатени кон неупотребуваните воени возила кои беа модифицирани и прилагодени за гаснење пожари. Не зачудуваат ниту зајадливите коментари во однос на сезонското вработување на луѓе кои ќе учествуваат во гаснењето. За добрите познавачи на приликите, не зачудува ниту користењето на лажни фотографии од пожари кои што беснееле некаде во светот, во функција на политичка пропаганда и дезинформирање на јавноста. Едноставно, така функционира СДСМ, такви се навиките во оваа партија и тоа е она што може да се добие од таму.
Не би сакале погоре кажаното да се сфати дека сметаме дека опозицијата треба да молчи или да и аплаудира на власта. Напротив, нејзината функција е да биде коректив и да укажува на слабостите. Но, укажувањето на слабостите и критиките треба да имаат реална основа, која ќе биде дополнета со конкретни и конструктивни предлози. На крајот од денот, состојбата која што е присутна е наследена токму од претходната власт која буквално ништо не правеше во однос на ова прашање. Сите мерки и чекори кои што се преземаат во моментов се буквално „револуционерни“ во однос на она што претходно се работеше, иако ова треба да се смета за почетен чекор во создавањето на соодветни услови кои ќе ги стават надлежните институции во соодветна кондиција за борба со ова зло.
Факт е дека пожарите беснеат во различни делови на целата територија на државата без исклучок. Независно од тоа дали се работи за пожари предизвикани од небрежност на земјоделците или за намерно подметнати пожари, високите температури и силниот ветер влијаат на нивното брзо ширење како по шема креирана од предизвикувачите. Информациите кои ги споделуваат официјалните претставници на македонските институции, во врска со сомнежите и откривањето на лица кои ги подметнуваат ваквите пожари, говори за тоа дека истите се предизвикани со причина и со конкретна позадина и интерес. Навистина беше индикативно кога на почетокот на „сезоната на пожари“, истите се надоврзуваа еден по друг како по дефинирано сценарио. При тоа, секогаш избиваше нов пожар на друга локација во моментите кога претходниот веќе беше ставан под контрола, што јасно говори за постоење на одредена шема и план кај оние кои што ги предизвикуваат.
Од тие причини, колку и да бидат големи напорите на македонските институции во борбата со пожарите, како и зголемувањето на вложувањата во опрема и луѓе, тоа никогаш нема да биде доволно за целосно елиминирање на опасноста од пожари и последиците кои што ги носат.
Неопходни се мерки за превенција, заострување на законската регулатива која што ги третира подметнувачите и зајакнување на ефикасноста на надлежните институции и противпожарните служби. Не смееме и не можеме да се потпираме само на досегашниот модел на функционирање, кој очигледно се покажува како недоволно ефикасен и прегазен од времето. Постојат примери на добри практики во светот кои можат да бидат искористени како основа за креирање на модел кој ќе одговара на условите кои што важат во Македонија. Активниот пристап во текот на целата година, во функција на подготовка на капацитетите за следното лето, треба да започне уште веднаш, паралелно со реактивниот кој што го гледаме на дело, со цел сузбивање на постоечките жаришта.
Кога зборуваме превентивните мерки, тука постои сериозен простор за унапредување на она што во моментов се применува во Македонија. Напредокот на технологијата и вештачката интелигенција можат да овозможат корисни алатки кои ќе се применуваат во превенцијата на пожарите. Мора да се креира поефикасен систем за рана детекција. Не сме експерти од оваа област, но сите знаеме дека постојат дронови опремени со термо и визуелни камери. Тие ќе можат да патролираат во критични региони во летните месеци. Дронови за аналитика, кои користат вештачка интелигенција, дронови за препознавање на разлики во температурата или на составот на вегетацијата, се веќе применувана алатка во поедини земји за превенција на пожари во шумските појаси. Ако во Македонија веќе се користат дронови и новите технологии, тогаш нека се користат многу повеќе дронови кои ќе ја покријат целата територија на државата од причина што реактивното користење на авиони е далеку поскапо од превентивното користење на дронови и нови технологии.
Во однос на законската регулатива која што го третира ова прашање, ќе мора да се направат дополнителни чекори кон построго и поригорозно санкционирање на причинителите на пожарите. Независно од тоа дали се работи за палење на стрништа, сува трева, нискостеблеста или квалитетна шума, штетите кои што настануваат имаат големи материјални и еколошки вредности. Свесни сме дека доаѓа до сериозно загрозување на биодиверзитетот, уништување на цели шумски екосистеми, почвата, флората и фауната. Загадување на воздухот со токсични честички. загуби на земјоделски површини, штети по инфраструктурата (електро‑ и телекомуникациска мрежа), дури и опасност од палење на населени места се само видливиот дел од штетите кои што се предизвикани од ваквите пожари. За нивните предизвикувачи мора да се одредат строги казни, многу построги од постоечките.
Да не го заборавиме палењето на отпадите и дивите депонии. Особено внимание треба да им се посвети на дивите депонии, кои се палат и горат постојано во текот на годината и вршат енормно загадување. Ваквото загадување го чувствуваме сите, без исклучок. Криминалните дела поврзани со предизвикувањето пожар, како на оние кои што се резултат на небрежност, така и на оние кои се резултат на намерно подметнување, треба да добијат јасна законска рамка во која ќе бидат предвидени соодветни казни, односно затворски казни и високи глоби, слично на праксата во Франција и Италија.
Не е за занемарување и размислувањето за воведување на награден систем за оние кои ги пријавуваат виновниците. Дали се работи за анонимно или отворено пријавување, материјалните награди можат да имаат мотивирачки ефект кај одреден профил на граѓани, кои со тоа би помогнале во откривањето на сторителите.
Паралелно со стриктната примена на законската регулатива неопходно е и зајакнување на ефикасноста на надлежните институции кои се први во борбата со пожарите. Мора да се воведе пракса на постојана обука и тренинг, како на професионалните противпожарни служби така и на сезонски и волонтерски ангажираните пожарникари во согласност со стандардите на Европската агенција за заштита од пожари, исто онака како што се практикува во Шведска и Германија. Унапредувањето на инфраструктурата, инвестициите во модерни противпожарни возила и опрема, вклучително дронови, хеликоптери и авиони, е нешто кое што прво ни паѓа на памет при секое избувнување на пожар. Неопходен е и систем на меѓуресорска соработка, заеднички вежби и целосна координација помеѓу ЦУК, МВР, ДЗС, Министерството за земјоделие, општините и останатите надлежни институции. Добро би било да се размислува и за организирање на локални противпожарни единици, организирани на волонтерско ниво во секое населено место во државата.
Дополнително на претходното, треба да се земат и прилагодат сите добри практики кои што се применуваат во земји кои се соочиле со далеку поразорни ефекти од пожарите кај нив. Пожарите во Калифорнија ги натераа тамошните власти да се потпрат на т.н. хибриден систем на детекција составен од сателити, дронови и термални камери за рана детекција. Во Австралија постои „Firewatch“ сервис кој се состои од локални тимови и дронови позиционирани на соодветни локации во реално време. Во Португалија постои пракса за контрола на стрништата пред сезоната на пожари. Активно се користат дронови за надзор и идентификација на појавените жаришта. Во Италија и Франција, рековме дека се воведени строги казнени мерки, како и поддршка на пријавувањето на подметнувачите.
Интеграцијата на овие методи во македонскиот контекст може значајно го подобри капацитетот за превенција и реакција. На тој начин фокусот на институциите и нивните раководни тимови ќе биде ставен на суштинското решавање на проблемот, а не на меѓусебни партиски обвинувања. Доколку СДСМ како владејачка партија направеше барем дел од она што е погоре спомнато, тогаш со право ќе можеше да ја критикува власта за евентуалните слабости во справувањето со пожарите. Во оваа ситуација, кога претходните влади на Ковачевски и Заев воопшто не инвестираше во системот за превенција и борба со пожарите, критиките кои што доаѓаат од таборот на Филипче за секој обид на актуелната влада да додаде вредност во борбата со пожарите, делуваат лицемерно и деструктивно.
Текстов не претставува сеопфатна експертиза туку личен став на авторот кој има поминато една цела година на најсовремената противпожарна опрема (од тој период) за време на служењето на воениот рок. Текстот е само предлог за излегување од status quo состојбата која придонесува секоја година да го имаме истиот проблем.
Актуелната влада ги направи првите чекори во правец на подобрување на состојбите на овој план. Тоа треба да биде само почеток кој ќе ги задолжи надлежните во оваа област да ја вложат сета своја експертиза за осовременување на целокупниот систем. Тоа треба да ги обврзе да побараат дополнителни знаења и применат практики од поразвиените земји и активно да го искористат зимскиот период за целосна подготовка за следната година.

Поврзани вести