
Дијана Петрова е авторка на расказот „Мизенабим”, избран за најдобар на годинешниот конкурс што го носи името на познатиот македонски и охридски писател и раскажувач, Живко Чинго.
Дијана Петрова е родена во 1992 година во Делчево и е професорка по македонски јазик и литература. Дипломирала на катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевност при филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Скопје, каде и го продолжува своето студирање на втор циклус студии.
Авторка е на три објавени книги-романот „Бдеењето над себе“, збирката раскази „Не правете им сенка на гробвите“ и на романот „Излегувањето од сенка – Тајното женско училиште“.
Таа е творец на многу есеи и раскази објавувани во неколку книжевни списанија (Современост, Литературен збор, Репер, Блесок, Окно, Медуза, Млади македонисти, Премин).
Во 2023 година за нејзинот расказ „Рош хашана“ ја добива првата награда на конкурсот распишан од Фондот на холокаустот во Македонија. Петрова беше добитник на престижната награда за најдобар расказ „Живко Чинго“ и минатата 2024 година за нејзиниот расказ „Јоанес Даубманус“.
Според членовите на комисијата што ги оценува годинешните доставени трудови, наградениот расказ „Мизанабим” се одликува со извонредна техника на раскажување што се засновува врз едно очигледно длабоко и темелно познавање на високите врвови на светската проза и на теоријата на прозата и притоа не изостанува авторската умешност лесно да ги хармонизира пристапите на некои великани со неговото лично авторско проседе.
Наградата на авторката Дијана Петрова ќе и биде врачена на традиционалната манифестација „Вечер на Живко Чинго“ на 13 август во село Велгошти, родното место на Чинго.