
Вечерва, во Македонскиот народен театар свечено беше отворено 26 издание на Скопје Филм Фестивал.

-Скопскиот филмски фестивал со години беше место за средби, откритија и храбри филмски гласови. На неговот платно се среќаваа автори од различни генерации и кинематографии, а во салите се раѓаа разговори што траеја долго по одјавната шпица. Имаше години на подем, но и години на тишина и неизвесност. Вечерва не ги премолчуваме тие прекини, гиприфаќаме како дел од нашата приказна, зошто фестивалот не е само каледар на проекции, тој е жива врска помеѓу градот, филмот и публиката. Токму таа врска не враќа вечерва овде подготвени за ново поглавје, беше речено вечерва на свеченото отворање на 26. издание на Скопје филм Фестивал.
Фестивалскиот куратор Николај Никитин говореше за фестивалската програма, а директорот на фестивалот, Томи Салковски ги поздрави присутните и го прогласи фестивалот за отворен.

– Скопје Филм Фестивал значеше многу за Скопје, за културното живеење, но како и се останато полека, но сигурно, особено по светската пандемија почна да гасне и конечно згасна. Оние што требаше да го поддржат, што беа одговорни институции за поддршка, кога му беше најтешко не го сторија тоа, бидејќи можеби не ја препознаа важноста на фестивалот. Но, ние, една група на филмски ентузијасти и филмски професионалци се собравме и решивме да го земем фестивалот и да се обидеме да го возобновиме, да дадеме се од себе и да направиме нешто подобро за нас, за филмот, за градот, за публиката, за културата и за Скопје. Не беше лесно, се обративме до истите институции кои се задолжени да го финансираат, но тие не ни дадоа поддршка и потоа се обративме до бизнис секторот и А1 Македонија веднаш станаа партнери на фестивалот, а по нив Градоначалникот на град Скопје, како покровител и градот Скопје го поддржаа и потпишавме повеќегодишен меморандум за соработка. Ова е само почеток, имаме повеќегодишен план за етаблирање на фестивалот, рече Салковски и посака убави фестивалски денови и додаде: Да живее филмот!

Вечерашната програма започна со дефиле на црвениот тепих, каде пристигнаа филмски автори, актери, гости од странство и истакнати културно-уметнички дејци.
Во рамките на отворањето, за првпат беше доделена фестивалската награда „Златна Скополија“ за исклучителен придонес кон светската кинематографија. Оваа година признанието им припадна на полските автори: режисерката Малгоржата Шумовска и снимателот и режисер Михал Енглерт. Тие доаѓаат од Полска, од простор во кој уметноста мораше долго да го бара гласот зад железната завеса, но нивниот филмски јазик одамна ги надмина сите граници со храброст, иронија и длабока човечност. Тие создаваат филмови што не не оставаат рамнодушни. Нивното творештво е истовремено провокативно и нежно, духовито и болно искрено. Нивната камера ги гледа луѓето токму таму каде што најчесто го вртиме погледот. Наградата на луреатите им ја врачи директорот на А1 Македонија, Методија Мирчев.

-Ова е прв пат да добиеме награда како режисерско дуо, иако правиме филмови заедно многу години наназад. Прекрасно е што сме во Скопје, прв пат сме во Македонија и мислам дека по оваа прва награда ќе следуваат и други, рече Малгоржата Шумовска, а Михал Ехглерт додаде дека оваа награда за нив претставува поттик за нови филмови.
По доделувањето на наградата, следуваше проекција на нивниот најнов филм „ИДИОТ(и)“ (The Idiot(s)), во кој главните улоги ги толкуваат Џони Флин и Ејми Лу Вуд.
На вечерашната свеченост присуствуваа и членовите на меѓународното жири и на Фестивалскиот совет: британскиот филмски критичар и селектор Филип Бергсон, британскиот продуцент Стив Абот, регионалниот продуцент Мирослав Могоровиќ, српскиот режисер Павле Вучковиќ, германската филмска селекторка Даниела Вебер, како и македонската актерка и продуцентка Лабина Митевска и режисерот Даријан Пејовски, меѓу специјалните гости на церемонијата беше и познатиот актер, режисер и продуцент Драган Бјелогрлиќ.

Како што најавија организаторите, во деновите што следат, Скопје Филм Фестивал ќе понуди исклучително богата и разновидна филмска програма исполнета со премиери на истакнати авторски остварувања, фестивалски фаворити, динамични филмски разговори и ексклузивни мастерклас сесии со предавачи-гости.
Фестивалскиот Центар е лоциран во МКЦ, додека проекциите ќе се одвиваат во Македонскиот народен театар и киното „Фросина“ во МКЦ.

Македонски




