Skip to main content

Претставено жирито на 26. Скопје Филм Фестивал: Подеднакво ќе ги оценуваме режијата и филмскиот јазик

На денешната прес конференција во рамките на Скопје Филм Фестивал беше претставено жирито кое ќе ја оценува главната програма насловена „Дијалози“ . Членовите беа согласни дека целосно ќе ги оценуваат филмовите, посветувајќи се подеднакво и на режијата и на филмскиот јазик и дека се отворени за се што ќе видат и дека очекуваат плодни дискусии.

Жирито го сочинуваат: Лабина Митевска, македонска актерка и продуцентка со меѓународна кариера која започна со венецијанскиот победник „Пред дождот“. Како основач на Сестри и брат Митевски, таа ги продуцира и глуми во наградуваните филмови Јас сум од Титов Велес и Бог постои, нејзиното име е Петрунија. Во 2025 година ја освои наградата за Најдобар европски копродуцент од Европската филмска академија (EFA), Стив Абот (Steve Abbott), британски филмски продуцент и поранешен претседател на првиот УНЕСКО „Светски филмски град“ – Брадфорд. По познатите студии по математика на Кембриџ, тој станува клучна фигура зад легендарната комичарска група Монти Пајтон и продуцент на култните филмови A Fish Called Wanda и Brassed Off. Долгогодишен член е на Британската (BAFTA), Американската (AMPAS) и Европската филмска академија (EFA), Даниела Вебер (Daniela Weber), германска фестивалска програмерка со долгогодишна кариера на Интернационалниот филмски фестивал во Берлин. Од 1992 година раководи со селекцискиот процес и програмирањето на Главната натпреварувачка програма и Berlinale Special. Нејзината работа е клучна за координацијата меѓу авторите, светските дистрибутери и селекцијата на Берлинале, Павле Вучковиќ (Pavle Vučković), српски режисер и сценарист кој уште со своите кратки филмови освои две награди на Канскиот филмски фестивал и влезе во колекцијата на MoMA во Њујорк. Неговиот дебитантски филм Панама исто така имаше премиера во Кан со номинација за „Златна камера“. Неговиот најнов трилер Мраз (2026), со Камка Тоциновски во главната улога, забележа светски успех на фестивалот во Ситгес и Даријан Пејовски, македонски филмски и ТВ-режисер и сценарист. Дипломирал на Факултетот за Драмски Уметности во Скопје во класата на Столе Попов. По успехот со кратките филмови, тој го потпишува долгометражниот деби-филм „Три дена во септември“ и меѓународно признатиот игран филм „Мими“. Зад себе има и над десетина популарни ТВ-проекти, меѓу кои „Преспав“, „Фамилијата Марковски“, „Зоки Поки“ и „Црвениот поет“.

Синоќа, на свеченото отворање беше врачена наградата „Златна Скополија“- за исклучителен придонес во светската кинематографија на Малгоржата Шумовска и Михал Енглерт. Лауреатите на наградата Златна Скополија денеска ќе одржат мастерклас.

На 26. издание на Скопје Филм Фестивал ќе се доделат и награда за најдобар филм и најдобра режија, кои ги изработи уметникот Владо Костов.

Поврзани вести