Skip to main content

Клековски формира комисија за случајот со Ива Михајлова, ќе бидат вклучени и странски експерти

Посебна комисија, во чија работа ќе бидат вклучени и експерти од странство, ќе го разгледува случајот со Ива Михајлова, која по сообраќајната несреќа со смртни последици за која е обвинета во Македонија, пребега во Бугарија.

Министерот за здравство Сашо Клековски најави дека комисијата ќе биде формирана деновиве, откако Државниот санитарен и здравствен инспекторат го завршил првичниот инспекциски надзор во повеќе здравствени установи.

„Завршивме со првичниот инспекциски надзор од ДСЗИ. Опфатени се повеќе болници, освен Клиниката за неврологија и болниците во Кочани, Штип и уште една здравствена установа. Деновиве ќе формирам комисија, а поради сензитивноста на случајот, ќе барам експерти надвор од земјата да направат ревизија на случајот“, рече Клековски денеска по средбата со новинарите, на која ги презентираше реализираните активности и стратешките приоритети во изминатите три месеци.

Тој посочи дека целокупната документација веќе е прибрана и дека претстои нејзина детална обработка. Со формирањето на комисијата и вклучувањето странски експерти, Министерството за здравство најавува дополнителна проверка на медицинската документација и постапувањето на здравствените установи вклучени во случајот.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, пак денеска изјави дека истрагата за пребегнувањето на Ива Михајлова од Кочани во Бугарија сè уште е активна и дека засега нема информации што би можеле да бидат споделени со јавноста.

„Истрагата за пребегнувањето на Ива Михајлова од Кочани во Бугарија е сè уште активна. Во овој момент немаме информации што би можеле да ги споделиме со јавноста. Кога ќе ја затвориме, јавноста ќе биде информирана за сè што сработило Министерството за внатрешни работи“, изјави Тошковски.

Прашан да го коментира односот на бугарските власти, чии претставници изјавија дека нема да ја бараат ниту да ја екстрадираат Михајлова, Тошковски изрази жалење што, како што рече, Бугарија станува заштитник на осомничени и осудени криминалци.

Поврзани вести