
Вистинската вредност на една влада не се гледа само преку позитивните или негативните оценки во извештаите кои ни доаѓаат од Брисел. Тие се важни и преставуваат добар патоказ за тоа во кој правец се движиме како држава, но вистинската зрелост на една влада треба да се мери и преку нејзината способност директно да го заштити интересот на граѓаните и нивниот семеен буџет.
Разликата меѓу државничкото управување и обичната политичка импровизација се гледа токму во способноста на една влада во исто време да гради систем кој ќе функционира на долг рок, но и да го штити секојдневниот живот граѓаните во сегашноста. Ако премногу се загледуваме само во макроекономските графикони и европските извештаи, ние ризикуваме да го загубиме од вид секојдневието и потребите на обичниот човек. Ако, пак од друга страна, се посветиме само на решавање на дневните проблеми, без да се води грижа за реформскиот процес, тогаш само купуваме социјален мир на дневна основа. Вистинската вештина во функционирањето на една влада лежи токму во рамнотежата помеѓу овие два приоритета, интересот на граѓаните и реформите за подобрување на државата.
Анализирајќи ги актуелните случувања и чекори на македонската Влада во овој период, станува јасно дека сведочиме на еден поинаков, зрел и државнички пристап. Два клучни приоритети, од една страна, намерата за заокружување на Реформската агенда до крајот на годинава, а од друга, директната и решителна заштита на животниот стандард преку континуираните политики за намалување на цените и зголемување на платите, всушност претставуваат две страни на истиот медал. Тоа е онаа политичка филозофија во која државата истовремено воведува ред во сопствената куќа и застанува како штит пред сопствените граѓани.
Да почнеме од пошироката слика. Интензивната динамика со која Владата на Мицкоски пристапи кон целосното финализирање на законските решенија од Реформската агенда во предвидениот рок до декември 2026 година е силен сигнал за институционална зрелост. Овој процес, кој започна со усвојувањето на Реформската агенда 2024-2027 во рамки на Планот за раст на ЕУ и продолжи со носењето на Програмата на економски реформи 2026-2028 во јануари годинава, денес влегува во својата завршница.
Тоа го потврдија и најновите оценки на Европската комисија во ноемврискиот извештај, каде што земјава е посочена како еден од најуспешните реализатори во регионот. На иста линија би ги ставиле и јасните пораки коишто премиерот Мицкоски ги испрати од Брисел пред само неколку дена, дека реформите продолжуваат со несмалено темпо, но без отстапување од заштитата на националните интереси и интересите на граѓаните.
Затоа, ако се погледне суштината на овие процеси, почнувајќи од законските решенија за реформа на јавната администрација, преку чекорите во правосудството и дигиталната трансформација, па сè до уредувањето на енергетскиот и транспортниот сектор, јасно се гледа дека станува збор за сериозен пристап. И токму овде лежи суштинската разлика помеѓу поранешниот и сегашниот пристап. За време на претходната власт, реформите се третираа како некаква задолжителна домашна задача што мора да се реализира само за да се добие некаква политички плус во Брисел.
Денес, Реформската агенда се спроведува со јасна свест дека ефикасната администрација, функционалното правосудство, фискалната дисциплина и дигитализираните услуги ни се потребни нам, тука, во Македонија. Потребни се за да имаме држава што им служи на граѓаните и стопанскиот сектор. Денес имаме состојба кога една влада не бара алиби, не се крие зад политички клишеа и не купува време, туку систематски и во предвидените рокови ги испорачува реформските закони. Имаме влада која испраќа недвосмислена порака дека Македонија знае што сака, знае како да го оствари тоа и е способна да биде предвидлив и кредибилен партнер со јасен реформски капацитет.
Меѓутоа, секој познавач на општествените токови знае дека ниту една макроекономска или институционална реформа нема да ја добие целосната доверба на народот ако граѓанинот на крајот од денот се почувствува препуштен самиот на себе. Историјата на македонската транзиција нè научи дека сувопарните бројки за усогласени директиви со ЕУ не значат многу ако семејниот буџет е изложен на немилосрдни ценовни притисоци. И токму тука се гледа вистинската политичка и морална тежина на актуелната владина политика.
Во исто време, додека се туркаат системските реформи, Владата покажа континуитет и решителност да не биде само нем набљудувач на растот на трошоците за живот. Концептот „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, започнат уште во септември 2024 година, прерасна во системски механизам за заштита на граѓаните. Беа реализирани повеќе конкретни чекори и интервенциите за ублажување на ценовните шокови, како и одлуки за определување највисоки цени кои ја спречија опасноста од појава на ценовните лавини. Контролирањето на цената на храната, бензините и електричната енергија се значаен дел од чекорите кои го спречија вртлогот на неконтролирани покачувања. Покрај овие мерки, Владата паралелно го зајакнуваше и приходниот дел на семејствата, при што имаме континуиран раст на минималната бруто плата и пензиите.
Се разбира, дежурните критичари и опозициските поддржувачи, кои со години нè убедуваа дека државата е немоќна пред глобалните трендови, веднаш побрзаа да ги омаловажат овие чекори, нарекувајќи ги популизам или недоволни интервенции. Деновиве сме сведоци на тоа како повторно се обидуваат да создадат вештачка паника преку лицитирање со различни пресметки за потрошувачката кошница. Ги игнорираат реалните податоци на Министерството за економија кои покажуваат дека просечната кошница изнесува значително помалку од нивните напумпани политички проекции.
Реалноста и бројките зборуваат поинаку. Кога инспекциските служби се постојано на терен, трговците имаат јасна обврска транспарентно да ги истакнат намалените цени и кога податоците покажуваат стабилизација на месечните издатоци, тогаш граѓаните можат јасно да видат дека некој сепак води сметка за нивниот паричник.
Тука не станува збор за нереални владини ветувања дека преку ноќ ќе исчезнат сите економски предизвици, туку за чесен и одговорен однос. Владата го дава својот максимум за да го амортизира ударот врз стандардот, додека паралелно гради здрава економска основа за реален раст на платите, пензиите и инвестициите.
Тоа е формулата што ни е треба! Токму во спојот на овие две политики лежи причината за успехот на секое одговорно владеење.
Ако нема грижа за социјалната сигурност на граѓаните, европските реформи би се претвориле во далечна и елитистичка активност за да му удоволиме на Брисел. Од друга страна, социјалните мерки без темелни структурни реформи и финансиска дисциплина се само краткорочно крпење дупки без визија. Затоа, доколку овие две работи се туркаат заедно можат да создадат системска стабилност и општествена кохезија.
Македонија денес полека, но сигурно излегува од маглата на политичките импровизации и се враќа на теренот на мерливите резултати. Заокружувањето на Реформската агенда го поставува цврстиот темел на државата, односно создава институции коишто функционираат по европски правила, создава предвидлив деловен амбиент и владеење на правото. Од друга страна, мерките за заштита на стандардот се механизмот со кој граѓаните можат помирно да го планираат своето секојдневие. Секогаш кога една влада има визија да го гради темелот, но и решителност да го заштити сопствениот народ, тогаш политиката дефинитивно ја враќа својата вистинска, благородна смисла.

Македонски




