
После повеќе од две години работа на проектот и месеци интензивна продукциска работа, заврши снимањето на „Слушни ме“, музичкиот документарен филм создаден според идејата и вистинската животна приказна на Марко Маринковиќ – Слаткаристика. Филмот, во копродукција на ОХО Продукција и Иноватива Груп, зборува за пелтечењето, прифаќањето на различностите и храброста да се пронајде сопствениот глас. Со завршувањето на снимањето, проектот влегува во фаза на постпродукција, а премиерата се очекува во првата половина на 2027 година.
Последната клапа беше одбележана со заедничка прослава на филмската екипа, Слаткаристика, децата кои учествуваат во филмот и нивните родители, претставници од Институтот за слух, говор и глас, соработници и пријатели на проектот.

Уште кога ја слушнав приказната на Марко, во неа препознав нешто што може да допре до луѓето насекаде во светот. Приказна за несигурноста, упорноста и храброста да се изразиш. Горд сум на екипата и на сите што ни ја дадоа својата доверба, особено на децата и нивните семејства“, изјави Пеце Талески, продуцент од ОХО Продукција.
„Слушни ме“ го следи животниот пат на Слаткаристика, од детството и соочувањето со говорните тешкотии до пронаоѓањето на сопствениот израз преку музиката. Преку лични сведоштва, музика, играни сегменти од неговото детство и работилници со деца, филмот отвора прашања за самодовербата, предрасудите и поддршката што може да направи разлика во нечиј живот.
Многу сум среќен и горд. Ова е мојата лична приказна, но и приказна на многумина кои во неа ќе препознаат дел од себе. Благодарен сум на ОХО што веруваа во идејата и на целиот тим што ја претвора во филм. Голема благодарност до сите учесници, несебични пријатели и поддржувачи, заедно правиме големо дело. Посебна благодарност до децата и нивните родители за искреноста и довербата, како и до сите вработени во Институтот за слух, говор и глас. Со овој филм посакувам секое дете што се соочува со говорни или какви било други тешкотии да знае дека не е само и дека и неговиот глас е важен.“, истакна Марко Маринковиќ – Слаткаристика во своето обраќање.
Режисер на филмот е Раша Петровиќ, сценариото е на Кристина Ризоска.
Важна улога во раскажувањето на приказната има и оригиналната музика, дел од која е снимена во студиото FAME’S во Скопје, со оркестар составен од млади музичари од Европа и светот, учесници на Институтот FAME’S.
Главен партнер на филмот е Алкалоид, поддржувачи се Витаминка и Кожувчанка, а пријатели на проектот се AXM365 и Комерцијална банка.

Со завршувањето на снимањето, „Слушни ме“ влегува во следното поглавје: постпродукција и подготовки за неговата средба со публиката на почетокот на следната година.


Македонски




