Skip to main content

Рецитал на тенорот Дамјан Попоски во КИЦ

Во организација на „Балкан опера студио“, во петок, 27 ноември во 20 часот во Салонот 19,19 при Културно-информативниот центар во Скопје ќе се одржи рециталната „Вечер на американската соло песна на дваесеттиот век“ во изведба на тенорот Дамјан Попоски и пијанистката Јанинка Невчева. Рециталот е подготвен во Белград под менторство на професорите Никола Мијаиловиќ и Милица Илиќ, а на програмата се циклуси и соло песни на Семјуел Барбер, Чарлс Ајвс и Ерон Копланд.
Влезот за концертот е слободен.

Дамјан Попоски дипломира на Manhattan School of Music во Њу Јорк во класата на проф. Мињон Дан. Ги продолжува своите студии работејки со врвни имиња од оперскиот свет, како: Ширли Верет, Грациела Араја, Џована Канети, Пјер Миранда Фераро, Ниел Розеншаин… и пее на семинари водени од Питер Марк, Енза Ферари, Карло Бергонзи, Вирџиниа Зеани, Ворен Џоунс, Маурицио Арена, Џером Хаинс и Марија Кјара.

Како дел од ЕПКАЗО (Езио Пинца совет за американски пејачи), Попоски ја пее улогата на Али во концертната изведба на Росиниевата „Италијанка во Алжир“ низ Венето, Италија (Тревизо, Виторио Венето, Одерцо). Неговото оперско деби е во улогата на Бартоло („Свадбата на Фигаро“) во Ваимар, Германија. Освен во Македонија, Италија и Германија, настапува и низ САД, Канада, и Грција.

Јанинка Невчева


Јанинка Невчева основното музичко образование го стекнува во Кавадарци под раководство на проф. Весна Арангелова, кога ги прави првите чекори на сцената (концерти и натпревари). Образованието го продолжува во МБУЦ Илија Николовски – Луј, најпрво во класата на проф. Снежана Анастасова-Чадиковска, потоа во класата на проф. Борис Романов, каде ги завршува студиите во Скопје.
Од 2000 до 2005 година се усовршува во Париз и работи на етномузиколошка тема „Народната музика во Македонија“. Редовно се претставува како солист и во повеќе камерни состави на домашната сцена („Скопско лето“, „Охридско лето“, „Интерфест“-Битола,…), како и надвор од земјава (Италија, Франција, Германија,…).

Од 2006 година работи како музички соработник-корепетитор во Македонска опера и балет, редовно соработувајќи со домашни и светски диригенти и оперски режисери. Невчева е носител на наградата „Климентина Рафајловска“ (1995 год.)

Поврзани вести