Skip to main content

Промоција на „Еднореченични “ од Виолета Танчева -Златева во КИЦ

Во Културно информативниот центар – Скопје ќе се одржи промоција на книгата „Еднореченични “ од Виолета Танчева -Златева во издание на „Паблишер“ на 18. ноември 2026 год. во 19 часот во Салон Империјал 2.

Промоторка е проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, а со авторката ќе разговараат писателките Лидија Димковска и Милена Сиљаноска. Дел од расказите ќе ни прочитаат Ангела Бошкоска, Антонио Павловски, Пепи Стамков, Марија Велинова и Андреј Медиќ Лазаревски.

Виолета Танчева-Златева (1968, с. Бориево, Струмица) е поетеса, раскажувачка, есеистка, преведувачка, лекторка, уредничка. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата Југословенска книжевност. Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 2000 година и на Здружението на лекторите на Република Македонија од самото негово основање.

Има објавено 10 поетски книги, како и прозните книги Книга за сонот (куси раскази, 1991), Враќања (роман, 1993), Враќајќи се во Бориево (раскази, 1999), епистоларниот роман за деца Шарени писма (2008), Раскази од минатиот век (2022), Бела Сама (роман, 2023) и збирката раскази Еднореченични (2026). Приредувачка е на две антологии од современата македонска поезија – Антологија на копнежот (2024) и Антологија на патот (2026). Нејзини песни и раскази се препеани/преведени и објавени на повеќе светски јазици. Застапувана е во списанија, избори, панорами и антологии, во Македонија и во светот.

Освоила четири награди на Анонимниот конкурс за краток расказ на „Андриќеви денови на културата“ во Травник во 80-тите години; прва награда за проза на анонимниот конкурс на Независни изданија „Ѓурѓа“ во 1991 г. за Книга за сонот; награда „Браќа Миладиновци“ на СВП во 2015; награда „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија во 2018; награда „Антев златник“ во 2022 г.; награда за поезија „Книжевен круг“ за 2024 година.

Оваа книга е исклучителен пример за експериментална проза во која секој расказ е изграден од една единствена реченица, што ја прави зачетник на еден сосем нов бран. Според промоторката Лидија Капушевска-Дракулевска, таа е илустративна за макотрпниот копнеж на еден творец по совршена форма и за потрагата по нови изразни можности. „Формалното ограничување станува простор на слобода и игра со можностите на раскажувањето. А точката, кога конечно ќе дојде, секогаш не значи дека приказната завршила.“ (Иван Шопов) Расказите се пример за тоа како може јазикот да биде и едноставен и сложен, и интимен и универзален, и филозофски и секојдневен. Венко Андоновски смета дека авторката ни покажува дека во книжевноста реченицата е отворена како вселена: таа крие безброј можности по кои може да се упати текстот. Зад секоја нејзина реченица, која има внатрешна драматика (експозиција, заплет, расплет), се крие по еден ненапишан роман, како што во секое зрно пченица се крие по еден невидлив клас. За Лидија Димковска, овие еднореченични раскази се луцидни и длабоки, богати со автентични ликови, теми, чувства и размисли, кои се читаат за миг, а траат вечно.

Поврзани вести