Skip to main content
rfVxlany_go

Славица Јанешлиева: Да се биде прва жена декан на ФЛУ е голема одговорност

Факултетот за ликовни уметности – Скопје оваа година одбележува значаен јубилеј – 45 години од своето постоење. Во текот на четири и пол децении, ФЛУ се изгради како реномирана високообразовна институција, центар на креативност, уметничко истражување и развој. Централен настан и официјална прослава на 45-годишниот јубилеј беше ретроспективната изложба која е поставена во Музејот на современа уметност – Скопје. Со изложбата, ФЛУ и МСУ заеднички, го претставија богатото наследство и креативниот придонес на факултетот во развојот на македонската и регионалната уметничка сцена, симболично претставувајќи го континуитетот и еволуцијата на уметничките изрази што се развиваа во текот на четири и пол децении.

Јубилеите секогаш значат многу. Особено овој некако е значаен бидејќи се доближуваме до половина век постоење, вели Славица Јанешлиева, деканка на Факултетот за ликовна уметност која нагласува дека малку е еден ден за одбележување на јубилејот и затоа одлучиле изложбата во МСУ да трае цела година.

Таа е прва жена декан на оваа високообразовна институција и вели дека тоа е огромна одговорност.

Сведоци сме дека современиот живот, но и уметничките текови наметнуваат новини на секое поле, па и во уметноста. Како ФЛУ држи чекор со ваквите промени? Дали направивте или можеби предвидувате некакви промени во наставната програма?

Во ера на брзи технолошки достигнувања и менливи културни пардигми, значењето на уметничките факултети останува значајно. Високообразовните институции од областа на ликовните/визуелните уметности играат значајна улога во развојот на креативноста, културата и критичката мисла во општеството. Секако, ФЛУ не опстојува надвор од општеството и мора да се прилагодува, да го негува интердисциплинарниот пристап и тежнее да обезбеди што поквалитетни услови за уметничко образование. Многу е важна континуираната поддршка (од страна на државата, универзитетот и општествено одговорните компании). Односно, нужно е континуирано негување и вложување во просторните, техничко-технолошките и кадровските капацитети на факултетот како јавна непрофитна државна високообразовна институција.

Во зависност од законските регулативи, акредитација на студиски програми се прави на секои 4 до 5 години. Во 2022 година ФЛУ доби акредитација за новите студиски програми кои во својот наслов покрај класичните дисциплини ги содржат и трансмедиумските практики. Ова беше направено со цел да се направи видлив фактот дека наставниот кадар на ФЛУ отсекогаш ги следел новините и промените на полето на визуелните уметности, па одлучивме дека студиските програми треба да содржат нови практични и теориски предмети. Студиските програми на ФЛУ се современи и осмислувани за да бидат во корелација со сличните институции во регионот, Европа, па и пошироко. Ги имаме и групата педагошки предмети кои им овозможуваат на студентите по дипломирањето, да може да се бават со ликовна педагогија. Во последните две години од студиите, нашите студенти одбираат и еден од предметите (во 4 курса) од областа на визуелните комуникации (графички дизајн), конзервација и реставрација, сценографија или моден дизајн, што ги оспособува со вештини кои се барани на пазарот на трудот. Но, воведувањето на новите содржини, предмети и пракси бара поброен кадар, соодветни просторни и техничко-технолошки услови.

Неопходно е да се потенцира дека новините во ликовните/визуелните уметности не можат да се практикуваат доколку се нема квалитетна основа. Односно мора да се помине образовниот процес на изучување на основните принципи и класичните ликовни дисциплини за да се има основа за надоградување и практикување на новите пракси.

Во јануари 2025 година, до одборот за Акредитација на високото образование, поднесена е студиска програма од втор циклус едногодишни студии од областа на визуелните комуникации. Се надеваме дека од октомври, односно од академската 2025/26 ќе ја понудиме и оваа 4-та студиска програма за втор циклус.

Формуларите и документите неопходни за акредитации на студиски програми се обемни, постапката е долга, а резултатите од програмите се видливи дури по неколку години. За побрзи применувања и резултати од пренесување на знаења и практикување на новините во ликовните/визуелните пракси практикуваме уметничко-истражувачки проекти, работилници и летната школа на ФЛУ, вели Јанешлиева.

Подготвија:

новинар. Невена Поповска

фото/видео: Александар Ивановски

монтажа: Александар Арсовски

Поврзани вести