Во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје, вечер со почеток во 20:30 часот, ќе биде одржана читачката промоција на третата по ред стихозбирка на Јулијана Величковска ‒ „Рајсфершлус“. Изданието е на ПНВ Публикации и поддржано е од Министерството за култура и туризам. Стиховите ќе ги интерпретираат актерката Наташа Петровиќ и авторката.
Јулијана Величковска е писател, уредник, преведувач и организатор на поетски фестивали. Основач е на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, соосновач и директор е на „Скопскиот поетски фестивал“ и програмски директор е на „Поетска ноќ во Велестово“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија.
Авторка е на стихозбирките: „Комарци“ (2010), „Отворена книга“ (2017) и „Рајсфершлус“ (2024); на романот „Годишни времиња“ (2014); на книгата за деца „Ведра“, илустрирана од Марио Каев (2022), за која ја освои наградата за најдобар текст во сликовница за книги издадени во 2021 и 2022 година на Меѓународниот фестивал за литература за деца и илустрација „Литера“, и на повеќе од триесет книжевни преводи.
Нејзините песни се препеани и објавени на дваесет светски јазици. Нејзиниот роман „Годишни времиња“ беше преведен на бугарски јазик (Ерго, 2017), избор песни „Кутија на стравот“ беше преведен на азербејџански јазик (Зардаби, 2024), а избор песни во превод на англиски јазик под насловот „Очекувам лавови“ ќе излезе од печат до крајот на 2024 г. во издание на „Три Спајр Прес“ (Three Spire Press), од Корк, Ирска. Нејзини песни и куси раскази се застапени во неколку антологии во земјата и во странство.