
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 20-годишник осомничен за насилство во конфликт меѓу навивачки групи пред спортскиот центар „Јане Сандански“.
Според Обвинителството, осомничениот му задал удар во главата на малолетник од спротивната навивачка група. Детето се онесвестило и паднало на земја, по што со контузија на главата било пренесено во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Јавниот обвинител предложил осомничениот да биде притворен поради опасност од бегство, можност да влијае врз сведоците и ризик да го повтори делото. Постапката се води за кривично дело „Насилство“ од член 386 од Кривичниот законик.
Инцидентот се случил пред спортски натпревар во „Јане Сандански“. Според претходните информации од МВР, во нападот учествувале околу 30 членови на навивачката група „Фемили“, кои физички нападнале околу 50 навивачи на КК „Работнички“. Шеснаесетгодишник се здобил со тешки телесни повреди, а полицијата привела повеќе лица.

Македонски


