Skip to main content
0QrJTnZpP6s

Манасиевски: Брвеница заслужува проекти, а не поделби, Владата ќе продолжи да инвестира

ВМРО-ДПМНЕ го почитува изборниот резултат во Брвеница, иако кандидатот на партијата Стојанчо Радичевски не успеа да победи во вториот круг од предвремените локални избори. Од партијата велат дека бележат раст на поддршката, со 1.300 гласови повеќе во споредба со последните парламентарни избори, и најавуваат дека Владата ќе продолжи да инвестира во развојот на општината.

Ова го порача членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, кој оцени дека кампањата на партијата била насочена кон проекти, инфраструктура и единство, додека политичките опоненти, според него, ја искористиле етничката припадност како главна тема во изборната трка.

„Додека ние ја потенциравме силата на единството, за една Брвеница за сите, нашите опоненти максимално го искористија национализмот и повикаа гласањето да биде врз основа на етничка припадност, а не врз основа на програма, визија и проекти“, изјави Манасиевски.

Тој посочи дека граѓаните по изборите очекуваат конкретни резултати, инфраструктурни проекти и подобри услови за живот, а не политички поделби и национализам.

Манасиевски оцени дека ВМРО-ДПМНЕ остварила значаен резултат во споредба со претходните изборни циклуси, иако тоа не било доволно за освојување на градоначалничката функција.

Од партијата упатија критики и кон политичките опоненти, обвинувајќи ги дека во вториот круг ја мобилизирале поддршката преку етнички пораки.

Сепак, Манасиевски нагласи дека волјата на граѓаните е неприкосновена и дека изборниот резултат се почитува.

„Брвеница нема да биде заборавена. Владата, предводена од премиерот Мицкоски, ќе продолжи да ја помага и да вложува во развојот на Брвеница“, порача Манасиевски.

Поврзани вести