
Четворицата осомничени за двата свирепи разбојнички напади во скопските населби Хром и Ѓорче Петров, во кои животот го загубија две лица, украдениот златен накит го продавале во златарница во Старата скопска чаршија, информираат од Основното јавно обвинителство Скопје.
Според истрагата, првиот напад се случил во раните утрински часови на 22 октомври, кога осомничените насилно влегле во куќа во Хром. Сопственикот го врзале за рацете и нозете, го удирале по главата и телото, а потоа го задушиле со перница.
Откако го лишиле од живот, тие ја пребарале куќата и одзеле пари и златен накит во вкупна вредност од околу 300.000 денари.
Истиот ден, во попладневните часови, еден од осомничените ги однел останатите со своето возило до златарница во Старата скопска чаршија, каде што го продале украдениот накит за 2.840 евра.
Вториот напад се случил во ноќта меѓу 26 и 27 октомври, во куќа во Ѓорче Петров. Осомничените физички ја нападнале сопственичката, ја удирале по главата и телото, ѝ ги врзале рацете, нозете и устата, а потоа ја однеле во купатилото.
Жената починала од здобиените удари, по што сторителите од куќата одзеле пари, накит и вредни предмети во вкупна вредност од околу 200.000 денари. И во овој случај украдениот златен накит бил продаден.
Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против четворицата осомничени за две кривични дела – разбојништво во тежок облик.
За сите четворица е побаран и определен притвор од 30 дена, со цел да се спречи нивно бегство, влијание врз сведоци, попречување на истрагата или уништување докази.
Станува збор за А.С. (22), Х.Е. (20) и К.А. (58) од Скопје, како и М.Р. (26) од Струмица, кои полицијата ги поврза со двата настана.
Истрагата продолжува, а во тек се и ДНК-вештачења чии резултати треба да бидат вклучени во доказниот материјал.
Бидејќи жртвите биле намерно лишени од живот при извршувањето на разбојништвата, за осомничените се води постапка за потежок облик на кривичното дело, за кој е предвидена затворска казна од најмалку 10 години или доживотен затвор.

Македонски


