Skip to main content
Научен собир на тема „Јазикот во медиумите на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“

Медиумите мора да внимаваат на чистотата на македонскиот јазик, вели директорката на Институтот „Крсте Мисирков“

МИА


Задача на новинарите е да го промовираат македонскиот јазик во медиумите, поточно стандардниот македонски јазик. Некои промени, како на пример оние на лексички план што се, ќе поминат. Ќе се користат година две, потоа ќе се заборават, па ќе дојдат нови зборови, Меѓутоа, проблемот се јавува доколку се јават промени во морфологијата или синтаксата, смета директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ Елена Јованова-Грујовска.

Денеска во Скопје се одржа 29. Меѓународен научен собир на тема „Јазикот во медиумите (состојби, предизвици, перспективи)“ на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, во рамки на манифестацијата „Денови на Благоја Корубин“.

Пред почетокот на настанот Јованова – Грујовска кажа дека јазикот во медиумите е многу важен, затоа што токму преку медиумите се гледа развојот на македонскиот јазик.

Затоа сме ние тука од Институтот за македонски јазик, да потсетуваме и да потенцираме дека мора да се внимава на чистотата на македонскиот јазик. Едноставно, јазикот во медиумите, кој денес веќе постои и во електронската форма, исклучително е важен и влијае на развојот на стандардниот македонски јазик, додаде Јованова-Грујовска.

Јазичниот израз во медиумите е исклучително специфичен. Се придржува и ја промовира нормата од една страна, а сепак е отворен за нови решенија. Јазикот во медиумите е важен затоа што влијае и на развојот на стандардниот македонски јазик, и затоа е потребно да покажеме свесен елемент во јазичната политика. Да се обидеме да го зачуваме нашиот јазик и соодветно да реагираме на влијанијата кои доаѓаат како резултат на глобализацијата. Ова беа дел од пораките упатени на научениот собир.

Најголема забелешка на Јованова – Грујовска е што не постојат училишта за правилен изговор, па така кај голем дел од новинарите се забележува нивниот дијалект од тој крај од каде што доаѓаат, односно недоволното познавање на вокалниот и воопшто фонетскиот систем на македонскиот јазик.

Често пати се случува, во зависност од тоа од кој крај на Македонија доаѓа новинарот, веднаш да се почувствува неговиот дијалект. Не само ние како професори, туку и сите оние кои го следат медиумот, веднаш ќе забележат дека новинарот не го научил вокалниот и воопшто фонетскиот систем на македонскиот јазик. Тука се јавува проблемот, во изборот на дијалектна лексика. Некои во себе си го носат товарот од дијалектната лексика, рече Јованова-Грујовска.

Исто така, често се забележува и употреба на жаргонска и странска лексика, најмногу од страна на младите во младинските емисии, притоа потенцирајќи дека медиумот не е место за употреба на вакви изрази.

Младите многу сакаат да бидат интересни и во нивните младински емисии употребуваат жаргони и многу често употребуваат странска лексика, меѓутоа медиумот не е за тоа. Медиумот е всушност да покажеме дека ние сме исполнителни и квалитетни во се, додаде Јованова-Грујовска.

Претседателката на Меѓународниот организациски одбор, Катица Топлиска-Евроска одговорајќи на новинарско прашање како да се надминат овие предизвици кои се случуваат во медиумскиот простор, потенцираше дека е најважно да покажеме свесен елемент во јазичната политика, да влијаеме колку што можеме посвесно на јазичните промени, да го зачуваме нашиот јазик и соодветно да реагираме на влијанијата кои се јавуваат како резултат на глобализацијата, која што е општ светски процес.

Најважно е да покажеме свесен елемент во јазичната политика, да влијаеме колку што можеме свесно на јазичните промени, да го зачуваме нашиот јазик и соодветно да реагираме на влијанијата кои се јавуваат како резултат на глобализацијата, која што е општ светски процес, па во тие рамки и во македонскиот јазик, рече Топлиска-Евроска. Таа е на ставот дека најчести грешки се јавуваат во медиумите се употребување на англицизмите, турцизмите или србизмите.

Собирот ќе се одржи и во текот на утрешниот ден во просториите на Институтот за македонски јазик во Скопје. Ннајавено е учество на над 40 учесници, со 35 наслови на реферати.

Поврзани вести