Skip to main content

Со јаглен од Косово и рестартирање на ТЕЦ „Неготино“ Владата ќе се обиде да спречи поскапување на струјата

albert-hyseni-on-unsplash

Со обезбедување јаглен од Косово за РЕК „Битола“, дополнување на производството со РЕК „Осломеј“ и рестартирање на ТЕЦ „Неготино“, Владата планира да го зголеми домашното производство на електрична енергија и да ги ублажи последиците од неповолните состојби на европските енергетски пазари. Целта е да се избегнат ценовни шокови, односно евентуалното поскапување на електричната енергија да биде минимално и под пет проценти, најави премиерот Христијан Мицкоски.

Тој посочи дека Европа се соочува со сериозни енергетски предизвици, при што резервите на гас пред почетокот на грејната сезона се околу 50 проценти. Дополнителен проблем се ниските водостои на поголемите реки, што влијае врз производството на електрична енергија од хидроцентралите, но и врз пошироката енергетска стабилност.

Мицкоски рече дека цената на природниот гас бележи значителен раст. Според неговата изјава, лани се движела меѓу 20 и 38 евра за мегават-час, додека сега достигнува околу 86 евра, со повремени скокови и над 100 евра. Тој посочи и дека поскапувањето на енергенсите има влијание врз трошоците за производство и снабдување со електрична енергија, како и врз централното затоплување на Скопје.

Како прв чекор за зголемување на домашното производство, Владата работи на обезбедување јаглен од Косово за потребите на РЕК „Битола“. Според Мицкоски, јагленот од Косово е поволна опција во споредба со другите алтернативи, а производството ќе се дополнува и со домашен ископ и со помали количества јаглен од Грција.

За да се овозможи транспортот, се работи на посебен граничен премин, со цел да се обезбеди дневна пропустливост од повеќе од 200 камиони, плус уште 50 до 60 камиони преку граничниот премин Блаце. Целта е да се обезбедуваат повеќе од 6.000 тони јаглен дневно за потребите на трите блока на РЕК „Битола“.

Мицкоски посочи дека стабилното производство на трите блока ќе биде надополнето со производството од РЕК „Осломеј“, со што треба да се обезбеди поголема сигурност во домашното производство на електрична енергија.

Вториот фронт на активности е повторното ставање во функција на ТЕЦ „Неготино“. За тоа е потребно да се обезбеди транспорт на мазут од пристаништето во Солун, а Владата работи и на реконструкција на железничката инфраструктура што води до централата.

Станува збор за железничка отсечка од главната пруга на Коридорот 10, која води директно до ТЕЦ „Неготино“. На делницата досега имало дрвени прагови, а во тек е реконструкција и нивна замена со бетонски, со цел да се овозможи транспорт на тешки товарни композиции. Според Мицкоски, инфраструктурата треба да биде оспособена да издржи товар од над 10.000 тони.

Премиерот рече дека производната цена на електричната енергија од ТЕЦ „Неготино“ би била двојно пониска од берзанската цена, што ја прави оваа опција значајна за зголемување на домашното производство и намалување на зависноста од увоз.

Во однос на обезбедувањето јаглен, Мицкоски информираше дека бил одржан колегиум во РЕК „Битола“, а во тек е и тендерската постапка за раскоп и ископ на јаглен во Косово, која, според најавите, треба да заврши до крајот на месецот.

Тој нагласи дека барањата на енергетските компании се огромни, но Владата работи на повеќе активности за да се обезбеди стабилно снабдување. Според него, дел од мерките се видливи, додека други се одвиваат паралелно и не се во фокусот на јавноста.

Мицкоски изрази надеж дека геополитичките проблеми, вклучително и тензиите поврзани со теснецот и војната во Украина, ќе се надминат, што би овозможило полесно функционирање на енергетските пазари. Сепак, како што рече, состојбите не се движат во таа насока, туку дополнително ескалираат, особено во делот на Украина.

Во однос на цената на електричната енергија за граѓаните, премиерот рече дека Владата се труди да нема поскапување, а доколку тоа сепак се случи, да биде минимално и под пет проценти.

Тој направи и споредба на инфлацијата во Македонија со онаа во Европската Унија, посочувајќи дека во времето на претходната влада, предводена од СДСМ, инфлацијата во земјава била двојно повисока од европската, а тогашното објаснување било дека станува збор за увезена инфлација. Според податоците што ги презентираше, во октомври инфлацијата во Македонија изнесувала 3,3 проценти, наспроти четири проценти во ЕУ, додека во третиот квартал била 2,5 проценти, наспроти 3,5 проценти во ЕУ.

Мицкоски се осврна и на цените на горивата, посочувајќи дека дизелот во Македонија чини околу 1,5 евро за литар, додека во дел од соседните земји цената надминува две евра.

Тој потсети дека актуелната енергетска состојба е последица и на долгорочни политики и одлуки во Европа, меѓу кои и одлуката на Германија за напуштање на нуклеарната енергија по несреќата во Фукушима, што, според него, дополнително влијаело врз европскиот енергетски систем.

Поврзани вести