
Франција денеска се соочува со последиците од насилните протести што во саботата зафатија повеќе градови. Во најновиот биланс, министерот за внатрешни работи Лоран Нунез соопшти дека се приведени околу 2.000 лица, а повредени се околу 600 полицајци, жандарми и пожарникари. Претходно беше објавен биланс од 1.800 приведени.
Во Париз биле приведени 855 лица, рекорден број според полицијата. Улиците утрово биле исполнети со остатоци од запалени барикади и возила, искршени излози и графити. За време на протестите биле ограбени продавници во Париз и во други градови. Еден учесник во протестите починал во Париз откако доживеал срцев удар; засега нема информација дека смртта е последица на судирите со полицијата.
Најтешко е оштетено историското градско собрание во Лимож, кое беше зафатено од пожар во саботата. Покривот се урна, а пожарот бил ставен под контрола дури во неделата наутро. Штетите се големи и во Бордо, Марсеј, Ница и Стразбур. Градоначалникот на Бордо соопшти дека во градот биле ограбени до 100 продавници, а синџирот „Карфур“ пријавил оштетувања на 50 свои продавници, од кои 20 биле ограбени.
Во неделата започна расчистувањето на улиците, а во Лимож е најавен и марш по пожарот во градското собрание. Претседателот Емануел Макрон треба да им се обрати на Французите вечерва во 20 часот, по состанок со премиерот и министрите. Владата се соочува со критики за начинот на кој било организирано обезбедувањето на протестите, а Нунез утре треба да го посети Марсеј.
Протестите, на кои според властите учествувале околу 550.000 луѓе, а според организаторите до 800.000, беа организирани поради високите животни трошоци и лошите услови во училиштата. Насилните инциденти во саботата ги засенија првичните барања на демонстрантите.

Македонски

