Skip to main content

Судири, пожари и грабежи во Франција: околу 400 приведени на протестите, гори градското собрание во Лимож

Пожари, судири со полицијата и напади врз јавни објекти и продавници ја одбележаа саботната протестна мобилизација низ Франција. На улиците излегоа ученици, синдикалци, приврзаници на „Жолтите елеци“ и граѓани незадоволни од растот на животните трошоци и состојбата во јавните услуги.

Според француското Министерство за внатрешни работи, на 110 протести низ земјата учествувале околу 550.000 луѓе, меѓу кои околу 110.000 во Париз. Синдикатот ЦГТ проценува дека бројот на учесници на национално ниво бил околу 800.000. Поголемиот дел од протестите биле мирни, но во повеќе градови имало насилни инциденти. Властите соопштија дека се приведени околу 400 лица.

Во Париз, на Плоштадот на Републиката, маскирани лица фрлале пиротехнички средства и други предмети кон полицијата. Полицајците употребиле солзавец и водени топови. Запалени биле автомобили и канти за отпадоци, а ограбени биле и продавници. Поради безбедносната состојба, привремено биле затворени повеќе метро-станици. На социјалните мрежи се шират и снимки означени како напади врз полициски возила во Париз.

Една од најтешките последици беше во Лимож, каде што беше запалено градското собрание, историска зграда отворена во 1883 година. Огнот го зафатил покривот, кој подоцна се урнал, а паднала и камбанаријата. Локалните власти соопштија дека објектот е тешко оштетен и во голем дел уништен. Во Лион беше запалена туристичката канцеларија, додека во Марсеј демонстранти влегоа во холот на градското собрание, а беа оштетени и продавници и објект на општинската полиција. Нарушувања и оштетувања беа пријавени и во други градови, меѓу кои Бордо, Лил, Рен и Тулуз.

Француските власти соопштија дека во текот на саботата биле повредени и припадници на безбедносните сили. Во Сен Етјен, млад демонстрант ја загубил раката. Околностите се истражуваат; во првичните извештаи се споменува можноста да била активирана полициска граната, но тоа не беше официјално потврдено. Инцидентот повторно ја отвори дебатата за употребата на средства за разбивање толпа и полициското постапување на протестите.

Протестите започнаа во средината на септември со блокади и демонстрации на ученици, кои бараа подобри услови во училиштата, повеќе наставници и подобра опременост. Во саботата движењето се прошири и ги обедини барањата поврзани со скапотијата, цените на горивата и храната, платите и пензиите, како и незадоволството од јавните услуги. Дел од протестирачите носеа жолти елеци, симболот на движењето што во 2018 година се крена против зголемувањето на данокот на горивата и социјалната нееднаквост.

Премиерот Себастијан Лекорни ги осуди насилните инциденти и ги обвини радикалните групи и лицата што ограбувале продавници. Претседателот Емануел Макрон порача дека одговорните за нападите и уништувањето ќе бидат гонети. Организаторите и дел од демонстрантите, пак, нагласија дека најголемиот дел од собирите биле мирни и дека насилството не ги претставува нивните барања.

Поврзани вести