Skip to main content

По спорот за химната, Македонците од Пустец мета на навреди и повици за бојкот

Facebook/Матица На Иселеници

Протоколарниот пропуст на Македонскиот фолклорен фестивал „Преспа 2026“ во Пустец, кога не била интонирана албанската химна, оправдано предизвика реакција од албанските институции. Почитувањето на државните симболи е обврска на организаторите, особено кога на настанот присуствуваат високи политички претставници.

Но, критиката за конкретниот пропуст не смее да прерасне во навредување и колективно обвинување на Македонците што живеат во Пустец.

До редакцијата на „Национал“ пристигнала реакција од припадници на македонската заедница, откако во локалниот албански медиум „Korça Report“ бил објавен текст во кој се употребува навредлив јазик за жителите од Пустец. Во објавата е употребен и зборот „shule“, кој во Корчанскиот Регион се користи како погрден назив за Македонците.

Дека овој термин припадниците на македонската заедница го сметаат за навредлив е наведено и во академско истражување за етничките и јазичните малцинства во пограничниот регион меѓу Македонија, Албанија и Грција.

Уште посериозен е повикот до крајот на годината да бидат бојкотирани луѓето и производите што доаѓаат од Пустец. Со тоа критиката повеќе не е насочена само кон организаторите на фестивалот, туку кон населението од цела област во која живее признатото македонско малцинство.

Македонците од Пустец не можат да бидат прогласени за колективно виновни за одлука на организаторите на еден настан. Тие се граѓани на Албанија, со своја култура, јазик и традиција, кои со децении се дел од тамошното општество. Повикувањето на нивен економски и општествен бојкот не придонесува ниту за соживот ниту за почитување на државата и нејзините вредности.

Албанското Министерство за Европа и надворешни работи по настанот оцени дека неинтонирањето на албанската химна претставувало сериозен протоколарен пропуст и порача дека националните симболи мора да се почитуваат. Тој став е легитимен. Но, токму почитувањето и соживотот на кои повикува Министерството треба да важат и кога припадниците на едно национално малцинство се изложени на погрдни квалификации и повици за бојкот.

Затоа Македонците од Пустец очекуваат реакција од надлежните албански институции и јасна осуда на говорот што поттикнува колективна стигматизација.

Почитувањето мора да биде двонасочно. Како што албанската химна заслужува почитување на секој јавен настан во Албанија, така и Македонците во Пустец заслужуваат достоинствен третман и заштита од навреди и дискриминација.

Еден протоколарен пропуст може и треба да биде критикуван. Но, тој не смее да биде претворен во повод за напад врз цела заедница.

Поврзани вести