Skip to main content

Колефски: Утре во Пустец официјално ќе го означиме почетокот на туристичката сезона, добредојдени се сите

Во организација на општината, со низа активности, утре, на главниот плоштад „Гоце Делчев“ во Пустец ќе биде означен  почетокот на туристичката сезона, по кој повод градоначалникот, Пали Колефски упати јавна покана за присуство на свеченото отворање, што ќе се одржи, како што наведува во прекрасна атмосфера.

Преспа, прекрасно место, преполно со природни убавини, културно историски споменици, уникатна историја, Преспанското Езеро, како посебно богатство, топол и срдечен дочек на жителите, ќе направи да се чувствувате како дома. Преспа не е обична дестинација, дојдете и откријте ја сами магијата на ова место. Дојдете да го означиме заедно почетокот на една нова сезона полна со можности и природни убавини. Добредојдени сте сите, порачува Колефски.

Традиционално, преку фотоалбуми ќе бидат презентирани природните убавини, културните богатства, традиции и обичаи а македонските традиционални јадења ќе може да се вкусат.

Повеќе ресторани и производители на храна ќе имаат штандови со свои производи и услуги. Ќе има и богата културно-уметничка програма од локалните културно-уметнички друштва и групи. Очекуваме да присуствуваат гости од повеќе градови од Албанија и од Македонија, нагласи Колефски за МИА.

Со вложените инвестици во подобрување на условите, Пустец станува се попривлечна дестинација, како за домашните така и за странските туристи, што го потврдува податокот дека минатата година околу 100 илјади посетители го избрале Пустец како своја дестинација, а се очекува овој број значително да се зголеми годинава, посебно  во текот на летните месеци.

Поврзани вести