
Движењето ЗНАМ за наша Македонија остро реагира на, како што наведува, неаргументираните напади врз претседателот Максим Димитриевски од страна на поединци од политичкиот и јавниот живот. Според партијата, станува збор за обиди преку политички притисоци да се наметнат наративи зад кои се кријат моноетнички интереси и барања за редефинирање на уставниот поредок.
Од ЗНАМ оценуваат дека особено загрижува обидот политичките барања и етничките агенди да се претстават како борба за граѓански права, притоа занемарувајќи ги темелните вредности врз кои почива македонската државност.
„Граѓанските права се универзални и еднакви за сите, но тие не смеат да бидат параван за политички проекти што ја доведуваат во прашање унитарноста, функционалноста и суверенитетот на државата“, се наведува во партиското соопштение што го пренесува МИА.
Од партијата порачуваат дека Македонија е унитарна држава и дека нејзиниот уставен поредок не може да биде предмет на политички пазарења. Притоа нагласуваат дека секој обид за негово разградување или редефинирање ќе наиде на отпор од ЗНАМ.
Во однос на актуелните барања правосудниот испит да се полага и на албански јазик, партијата посочува дека правото на употреба на јазиците мора да се остварува во согласност со Уставот и законите.
Својот став ЗНАМ го поткрепува со четири правни аргументи.
Првиот се однесува на членот 7 од Уставот, со кој македонскиот јазик и неговото кирилско писмо се утврдени како службен јазик на целата територија на државата и во меѓународните односи. Истовремено, Уставот ја уредува и употребата на друг службен јазик што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните, но, според ЗНАМ, тоа не значи дека одредбите може да се толкуваат селективно или надвор од уставната рамка.
Вториот аргумент се однесува на мислењето на Венецијанската комисија од декември 2019 година за Законот за употреба на јазиците. Од ЗНАМ потсетуваат дека Комисијата изнела забелешки за одредени законски решенија, особено во делот на нивната примена во правосудството, укажувајќи на можните последици врз ефикасноста на судските постапки и правото на правично судење.
Како трет аргумент се наведуваат посебните закони што ги регулираат правосудните професии. Законот за судовите, Законот за јавното обвинителство, Законот за адвокатурата, Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, како и законите за извршување и нотаријатот, содржат услови поврзани со познавањето на македонскиот јазик.
Според ЗНАМ, познавањето на македонскиот јазик не е само формален услов, туку дел од професионалната подготвеност на лицата кои работат во правосудството, имајќи ги предвид нивните обврски при спроведување на законите, водење постапки и комуникација со институциите и граѓаните.
Четвртиот аргумент се однесува на Законот за правосудниот испит и Законот за употреба на јазиците. Од партијата посочуваат дека Законот за правосудниот испит го дефинира испитот како проверка на стручната оспособеност на дипломираните правници, но во постојната законска рамка не е предвидена можност тој да се полага на друг јазик освен на македонскиот.
Притоа, од ЗНАМ прават разлика меѓу правото на употреба на службен јазик во постапките пред институциите и полагањето професионален испит. Според нив, станува збор за различни правни прашања кои не можат автоматски да се изедначуваат.
„Секое евентуално поинакво решение мора да има јасна уставна и законска основа, да биде усогласено со посебните прописи што го уредуваат правосудниот систем и да гарантира еднакви правила и правна сигурност за сите кандидати“, наведуваат од партијата.
ЗНАМ порачува дека нема да прифати политички притисоци, етнички уцени и селективно толкување на законите, за како што велат, да се наметнуваат решенија што го поткопуваат уставниот поредок.
Партијата се залага за држава на еднакви граѓани, функционални институции и владеење на правото, со јасна европска перспектива, притоа нагласувајќи дека македонскиот јазик, идентитетот и унитарниот карактер на државата не смеат да бидат предмет на дневнополитички калкулации.
Во завршницата на соопштението, ЗНАМ испраќа остра политичка порака, повикувајќи се на претходното владеење на ДУИ.
„Реприза на ДУИ-ленд нема да дозволиме. Тоа време заврши!“
Од партијата додаваат дека Македонија не смее повторно да биде заложник на политиките на поделби и етнички пазарења, туку треба да отвори ново поглавје на стабилност, одговорност, европски вредности и напредок.
„Нашата иднина е европска, нашата држава е унитарна и нашата обврска е Македонија“, порачуваат од ЗНАМ.

Македонски


