
Градот Скопје продолжува со спроведување на мерките за сузбивање на комарците и заштита на јавното здравје.Вечерва на подрачјето на градот ќе се спроведе 13-тата дезинсекција против комарци за оваа сезона, со теренски третман против возрасните форми на комарци.
Активностите ќе продолжат и во наредните денови. Согласно издадените налози, на 20 август ќе се спроведе теренска дезинсекција против возрасни форми на комарци, додека на 21 август, во раните утрински часови, ќе се изврши авионска дезинсекција.
Во периодот од 23 до 26 август е планирана уште една теренска дезинсекција против возрасните форми на комарци.
Од Градот Скопје информираат дека сите активности се спроведуваат согласно Годишната програма, законските обврски и Елаборатот изготвен од Центарот за јавно здравје – Скопје, одобрен од надлежните здравствени власти.
Во текот на сезоната досега се реализирани повеќе третмани за сузбивање и на ларвите и на возрасните форми на комарци.
Дезинсекција против ларви:
7 мај – авионска дезинсекција
11 јуни – авионска дезинсекција
26 јуни – теренска дезинсекција
10 јули – авионска дезинсекција
23 јули – теренска дезинсекција
11 август – теренска дезинсекција
Дезинсекција против возрасни форми на комарци:
1 и 2 јуни – авионска дезинсекција
18 и 20 јуни – теренска дезинсекција
27 и 28 јуни – авионска дезинсекција
13 и 15 јули – теренска дезинсекција
30 и 31 јули – авионска дезинсекција
4 и 6 август – теренска дезинсекција
До крајот на сезоната се планирани повеќе од 20 дезинсекции против комарци, со што, според Градот, се обезбедува континуирано спроведување на мерките согласно однапред утврдената динамика.
Сепак, засилените активности против комарците се одвиваат во услови на зголемен број случаи на западнонилска треска во земјава.
Во Македонија досега се регистрирани 35 потврдени случаи на западнонилска треска, од кои шест пациенти се во критична состојба, додека четири лица починаа.
Кај заболените е утврдена локална трансмисија на вирусот, односно пациентите немале податок за патување надвор од земјава пред да се заразат.
Западнонилската треска се пренесува преку убод од заразен комарец, поради што контролата на популацијата на комарци е една од мерките за намалување на ризикот од понатамошно ширење на вирусот.

Македонски


